Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е во тек обид за „обоена револуција“, обвинувајќи ги неименуваните центри на моќ дека „инвестирале три милијарди евра“ во рушење на државата.
Ова го изјави на митингот „Се среќаваме кај Сретење“ што се одржа во Сремска Митровица на 15 февруари, Денот на српската државност.
Вучиќ рече дека тоа се случува затоа што Србија го гледа Косово како дел од својата територија и „не се согласила да капитулира“. Тој рече и дека има обид за „намалување на економската моќ на Србија“. Како трета причина тој го наведе отцепувањето на автономната покраина Војводина.
„Србија не ја сакаат оние кои ги организираа тие протести и кои вложија три милијарди евра во уништувањето на Србија. Нивната цел е да ја ослабат Србија“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија нема да воведува санкции кон Русија, како и дека официјален Белград сака пријателски односи со Кина и „сака да се приклучи на Европа“.
Вучиќ ги повика студентите во блокадата „да размислуваат за својата иднина“ и дека можат да прогласат победа бидејќи сите нивни барања се исполнети.
„Вратете се на своите места“, рече тој.
Вучиќ на крајот од својот говор го најави и претходно најавеното усвојување на Декларацијата за Војводина со народна акламација, што, според него, е направено.
Усвојувањето на „Декларацијата за Војводина“ претходно беше најавено како одговор на наводните сепаратистички иницијативи на протестите поради уривање на настрешница во Нови Сад.