Во недела, на 14 јуни, граѓаните на Швајцарија ќе излезат на референдум за иницијатива со која бројот на жители на таа земја би се ограничил на 10 милиони, што, според аналитичарите, би можело да има значителни последици за односите со Европската Унија.
Предлогот предвидува обврска на владата да реагира доколку населението достигне 9,5 милиони жители, што, како што е наведено, директно би влијаело на имиграциската политика и слободното движење на луѓето, објави „Еурактив“.
Европската комисија објави дека внимателно го следи гласањето, нагласувајќи дека слободното движење на луѓето е „клучен елемент“ на односите меѓу ЕУ и Швајцарија. Швајцарија, иако не е членка на ЕУ, има тесни економски и правни врски со блокот, вклучувајќи пристап до Шенген зоната и договори што овозможуваат слободно движење на работна сила.
Експертите предупредуваат дека усвојувањето на иницијативата би можело да доведе до раскинување или сериозно нарушување на постојните договори со ЕУ, што потенцијално би го ограничило пристапот на швајцарските компании до европскиот пазар и би имало последици за швајцарските граѓани што живеат во земјите-членки на ЕУ.
Претставниците на швајцарската бизнис заедница изразија загриженост, наведувајќи дека ограничувањата за имиграција би можеле негативно да влијаат на пазарот на трудот и достапноста на квалификувана работна сила. На иницијативата се спротивставуваат швајцарската влада и сите големи партии, како и синдикатите, кои тврдат дека тоа ќе ги лиши болниците и хотелите од многу потребен персонал и ќе ги оштети цврсто изградените односи со ЕУ и ќе ја остави Швајцарија, која не е членка на Унијата, изолирана во многу опасен свет, според Би-Би-Си.
Од друга страна, поддржувачите на иницијативата, од редовите на десницата – Швајцарската народна партија, тврдат дека растот на населението е преголем и дека тоа ја оптоварува инфраструктурата, пазарот на недвижности и животната средина, како и дека е потребно да се воведат построги контроли на миграцијата.
Според најновите анкети, мало мнозинство граѓани во моментов се против предлогот, иако разликата меѓу поддржувачите и противниците е мала, додека некои гласачи сè уште се неодлучни.
Исходот од гласањето би можел да влијае на односите Швајцарија-ЕУ на долг рок, вклучително и на идните преговори за постојните и новите билатерални договори.
Бројот на жители на Швајцарија брзо расте од 2002 година, кога изнесуваше 7,3 милиони, на денешните 9,1 милиони, од кои 27 проценти се странски државјани. Повеќето гласачи се загрижени за пренатрупаните возови, скапите станови и растечките трошоци за здравствена заштита.
