Силен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди подрачјето покрај јужниот филипински остров Минданао. Полицијата соопшти дека најмалку три лица загинале, а зградите се оштетени во градот Генерал Сантос. Издадено е предупредување за цунами.
По земјотресот, издадени се предупредувања за цунами на Филипините, во соседна Индонезија, како и предупредување од американскиот Систем за предупредување од цунами.
На жителите во крајбрежните области им е советувано да се засолнат на повисоки места.
Филипините и Индонезија бележат стотици земјотреси секоја година и се наоѓаат на геолошки сложени делови од таканаречениот „Тихоокеански огнен прстен“, сеизмички активен појас што се протега од Јужна Америка до рускиот Далечен Исток.
Германскиот истражувачки центар за геонауки соопшти дека земјотресот со јачина од 7,8 степени го погодил подрачјето на длабочина од 10 километри. Таа институција претходно ја проценила јачината на 8,2 единици. Геофизичките служби на Филипините и Индонезија објавија дека јачината била 7,0 и 7,7 единици, соодветно.
Очевидци во индонезискиот град Манадо, како и жителите и службените лица на јужните Филипини, рекоа дека земјотресот бил силно почувствуван.
