По 200 дена на море и обиди за самоубиство, 5.000 морнари стигнуваат во Патаја, местото каде што владее проституцијата

Screenshot

По повеќе од 200 дена без редовна пауза во пристаниште, извештаи за сериозна истоштеност и сведоштва за обиди на членови на екипажот да скокнат од бродот, 5.000 морнари стигнуваат во Патаја во среда. Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ ќе вплови во блиското пристаниште Лаем Чабанг за одмор и закрепнување на екипажот, додека тајландската полиција веќе спроведува рации поради ризикот од проституција и сексуална експлоатација.

„Абрахам Линколн“ го напушти Сан Диего на 21 ноември 2025 година. Првично беше испратен на Пацификот, но подоцна беше пренасочен кон Блискиот Исток и вклучен во американските воени операции против Иран.

Мисијата, која требаше да заврши во мај, беше продолжувана, а екипажот помина повеќе од 250 последователни дена на море. Над 200 дена немал редовна пауза во пристаниште, иако американските носачи на авиони вообичаено запираат на секои 30 до 45 дена.

Во дел од продолжената мисија, екипажот учествувал и во околу 40 дена непрекинати борбени операции во зоната на Петтата флота. Долгите смени, ограничениот одмор и неизвесноста околу враќањето дома постепено ја претворија мисијата во прашање за физичката и психолошката издржливост на луѓето на бродот.

„Нејви тајмс“ објави сведоштво од сопруга на морнар кој, според нејзините тврдења, се обидел да скокне од носачот по период на сериозна преоптовареност. Во друг случај, морнар на стража забележал колега кој се подготвувал да премине преку работ на бродот и го спречил. „Старс енд страјпс“ одделно објави за најмалку еден спречен инцидент.

Американската морнарица не го соопшти точниот број на вакви случаи, поради што дел од информациите остануваат засновани врз сведоштва на членови на семејствата и извештаи на американски воени медиуми.

Семејствата на морнарите зборувале и за долги работни смени, недоволно време за спиење, проблеми со снабдувањето, доцнење на поштата и прекини во перењето облека. Биле пријавени и проблеми со водата, санитарните услови и средствата за лична хигиена.

Конгресменот Мајк Левин посочи на информации за мувла во тушевите, неисправни тоалети, периоди без топла вода и недостиг од основни хигиенски производи. Сенаторот Ричард Блументал побара од Пентагон објаснување за влијанието на продолжената мисија врз заморот, моралот, менталното здравје и безбедноста на екипажот.

Американската морнарица соопшти дека на носачот има советници за ментално здравје, капелани и медицински персонал. Според официјалните тврдења, екипажот има пристап до чиста вода, климатизација и редовни оброци, а дел од логистичките проблеми во меѓувреме биле надминати.

По долгата мисија, „Абрахам Линколн“ сега се движи кон Соединетите Американски Држави, но претходно ќе направи петдневна пауза во Тајланд. Со носачот пристигнуваат и два придружни брода на американската морнарица.

Излегувањето на екипажот на копно ќе се одвива постепено, што значи дека сите воени лица нема истовремено да се упатат кон Патаја. Сепак, градот се подготвува за значително зголемување на бројот на посетители во хотелите, рестораните, баровите и ноќните клубови.

Пред нивното пристигнување, полицијата распореди дополнителни патроли долж главната плажа и во квартовите познати по ноќниот живот. Во рациите спроведени во текот на викендот биле приведени меѓу 40 и 50 лица осомничени за проституција.

Проституцијата во Тајланд е забранета со закон, но сексуалната индустрија е видлива во повеќе туристички центри, особено во делови од Бангкок и Патаја. Локалната полиција признава дека контролата е тешка бидејќи нудењето сексуални услуги може да се одвива во јавност без непосредно знаење на властите.

Градот истовремено очекува значителна економска корист. Градоначалникот на Патаја, Порамас Нгампичес, проценува дека секој припадник на американската војска би можел да потроши меѓу 1.000 и 3.000 тајландски бати дневно, односно приближно од 30 до 91 американски долар.

Локалните угостители се надеваат дека посетата ќе го раздвижи туристичкиот сектор по периодот на намалена активност. Експертите, сепак, предупредуваат дека големиот прилив на посетители може да го зголеми ризикот од сексуална експлоатација и ширење сексуално преносливи инфекции.

Патаја има долга историја со американската војска. Некогашното рибарско село почна забрзано да се претвора во туристички центар во текот на Виетнамската војна, кога американските војници го посетуваа за одмор и забава. Повеќе од половина век подоцна, градот повторно очекува илјадници американски морнари, овојпат по мисија што предизвика прашања во Конгресот и под засилено полициско присуство во квартовите со ноќен живот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?