Што може да се купи за едно евро во една од најевтините земји за живеење?

Според платформата The World of Statistics, Пакистан е прогласен за една од најевтините земји за живот во светот. За да провери колку ова е навистина точно, јутјуберот Џош Ларкин од каналот The Burnt Chip отпатува во Карачи – најголемиот град, главно пристаниште и финансиски центар на земјата.

Тој разменил околу 1,2 евра (една британска фунта) за приближно 400 пакистански рупии и се обидел да види како може да го помине денот со таа сума. Своето искуство го документирал во видео кое досега го погледнале речиси 4 милиони луѓе на YouTube.

Денот го започнал со традиционален уличен пијалок „дудт“, направен од млеко, шеќер, мраз и сода, кој чинел само околу 30 рупии. За ручек пробал биријани – зачинето јадење од ориз, компири и пилешко, а подоцна испил и газиран пијалок за околу 30 центи.

За вечера јадел морска храна, повторно за многу мала сума, додека низ градот се возел со тук-тук, автобус (билет за само неколку центи) и дури гледал традиционални улични атракции како танц со змии.

Искуството покажало и уште една страна од животот во Карачи – дека изнајмувањето стан чини околу 50 британски фунти (околу 60 евра), што е значително пониско во споредба со европските градови.

Видеото на Ларкин дава впечатлив приказ за тоа како изгледа секојдневието со многу мал буџет во една од најевтините земји за живеење во светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен