Турција ѝ испраќа на Саудиска Арабија претежно одбранбена и техничка воена помош за борба против јеменските хути, поврзани со Иран, соопштија денеска двајца турски официјални претставници.
Турција, Пакистан и Саудиска Арабија во август потпишаа заеднички одбранбен договор во Мека, според кој вооружен напад врз една од трите земји ќе се смета за напад врз сите членки. Оттогаш, трите држави работат на деталите за новиот сојуз и одржуваат политички и воени состаноци како одговор на нападите на хутите.
Турција, Пакистан и Саудиска Арабија завчера објавија дека веднаш започнуваат со спроведување на договорот за заедничка одбрана, вклучително и со „брзо распоредување“ на војници и воена опрема во Саудиска Арабија.
Турција ги осуди нападите на хутите
Турција, која ја има втората најголема армија во НАТО и располага со силна одбранбена индустрија, ги осуди нападите на хутите врз Саудиска Арабија.
Анкара порача дека е подготвена да му помогне на Ријад во исполнувањето на воените и техничките потреби, како и да се приклучи на коалицијата предводена од Саудиска Арабија за заштита на поморскиот сообраќај во Црвеното Море.
Турски официјален претставник, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека помошта засега опфаќа исклучиво воена опрема, размена на разузнавачки информации и системи за вооружување.
Тој додал дека досега, во рамките на новиот сојуз, немало распоредување турски војници.
Се разгледува и офанзива долж брегот
Турските претставници наведуваат дека воената помош за Саудиска Арабија, вклучително и системи за противвоздушна одбрана, засега главно ќе се обезбедува на билатерална основа, бидејќи турскиот парламент сè уште официјално не го ратификувал договорот за заедничка одбрана.
Според нив, обемот и видот на помошта би можеле да се зголемат по ратификацијата на договорот.
Во меѓувреме, оваа недела силите на јеменската влада, со воздушна поддршка на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, започнаа контраофанзива со цел повторно да преземат контрола врз стратешка област во близина на теснецот Баб ел Мандеб.
Станува збор за исклучително важен поморски коридор за извоз на енергенси и одвивање на меѓународната трговија.
Минатата недела, официјални претставници изјавија за „Ројтерс“ дека Саудиска Арабија планира офанзива против хутите. Меѓу опциите што се разгледуваат се напредување долж брегот со цел обезбедување на поморскиот пат низ Црвеното Море, како и напади на повеќе фронтови.
Развојот на ситуацијата би можел да доведе до дополнителна ескалација на конфликтот во Јемен, особено доколку воената соработка меѓу Турција, Пакистан и Саудиска Арабија прерасне во пошироко директно ангажирање во конфликтот.

