Ерменските власти денес, еден ден пред парламентарните избори, уапсија шест кандидати на проруска опозициска партија, објавија државните медиуми, без да ги наведат причините за апсењата.
Тоа се се кандидатите на партијата „Силна Ерменија“, предводена од руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапетјан. Тој е во домашен притвор под обвинение за повикување на соборување на владата, што го отфрла како политички мотивирано обвинение.
Односите на Ерменија со нејзиниот традиционален патрон Русија се една од клучните теми пред изборите. Москва го ограничи извозот од Ерменија во последните недели како одговор на затоплувањето на односите на Ереван со Западот.
Околу 2,4 милиони Ерменци имаат право на глас на утрешните избори, кои се сметаат и за тест за напорите на премиерот Никол Пашинјан да постигне мир со долгогодишниот непријател Азербејџан.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека „Силна Ерменија“ има поддршка од помеѓу шест и 11 проценти од гласачите, што ја става на второ место, зад владејачката партија на Пашинјан „Граѓански договор“, која има значително водство со поддршка од 24 до 32 проценти.
Ерменските организации на граѓанското општество изразија загриженост за она што го нарекуваат кампања за дезинформации спонзорирана од Русија пред изборите. Москва рутински негира дека се меша во внатрешните работи на други земји.
Државната новинска агенција „Арменпрес“ објави дека Централната изборна комисија им дозволила на истражните органи да поведат кривични постапки против шесте кандидати, без да даде детали.
Истражниот комитет на Ерменија, кој ги спроведе апсењата, не одговори на прашањата за причините.
Немаше реакција ниту од партијата Силна Ерменија. Таа партија се залага за зачувување на економските и политичките врски на Ереван со Русија и го обвини Пашинјан за поттикнување конфликт со Москва.
Министерството за внатрешни работи на Ерменија објави оваа недела дека идентификувало 78 случаи на кривични дела поврзани со изборите и дека 44 лица се приведени, објавија ерменските медиуми.
Во извештаите не е наведено на кои политички партии им припаѓаат приведените лица.
Притисокот врз партијата Силна Ерменија се интензивираше пред гласањето.
На вонредна седница доцна синоќа, Централната изборна комисија го отфрли барањето на друга опозициска партија да ѝ се забрани на партијата Јак Ерменија да учествува на изборите, бидејќи таа поткупува гласачи и нелегално ја финансира својата кампања.
Партијата Силна Ерменија го негираше обвинението, а ерменските медиуми ја цитираа портпаролката на партијата која изјави дека групата е „подготвена за сите сценарија“ утре, пренесува Ројтерс.
