Неколку лица беа повредени, згради се урнаа, пожари, беа пријавени прекини во снабдувањето со електрична енергија, а инфраструктурата беше оштетена по силниот земјотрес со јачина од 7,1 степени што го погоди југозападниот дел на Јапонија.
Земјотресот беше регистриран во 16:27 часот по локално време на островот Кјушу и достигна највисоко можно ниво од седум степени според јапонската сеизмичка скала Шиндо, која ја мери јачината на тресењето на земјата.
„Сè уште ја проценуваме големината на штетата и бројот на жртви, но веќе сум информирана дека има неколку повредени“, рече јапонската премиерка Санае Такаичи. Таа рече дека има прекини во снабдувањето со електрична енергија и пожари во некои области, а патиштата и мостовите се оштетени, а пријавени се и урнати згради.
Предупредување за цунами
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами по земјотресот, со очекувани бранови до еден метар. Сепак, агенцијата подоцна соопшти дека досега не е забележана активност на цунами и изрази очекување дека предупредувањето наскоро ќе биде укинато доколку не се регистрираат промени во нивото на морето.
Не се откриени непосредни абнормалности во нуклеарните централи по земјотресот, соопшти Агенцијата за регулирање на нуклеарната енергија. Енергетската компанија „Кјушу Електрик Пауер“ соопшти дека трите нуклеарни реактори во регионот кои работеле во времето на земјотресот продолжиле да работат нормално.
Јапонија е една од сеизмички најактивните земји во светот, бидејќи се наоѓа на четири големи тектонски плочи по должината на западниот раб на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“. Земјата доживува стотици земјотреси годишно и е место на околу 18% од сите земјотреси во светот.
Најлошата катастрофа во поновата историја на земјата останува земјотресот со јачина од 9,0 степени во 2011 година, кој предизвика разорно цунами во кое загинаа или околу 18.500 луѓе се водат како исчезнати, како и тешката несреќа во нуклеарната централа Фукушима.
