Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

4 милијарди евра за Северна Македонија за да се ослободи од јаглен во енергетиката

Од архивата на РЕК Битола
Од архивата на РЕК Битола

Северна Македонија ќе добие позајмици и кредити вредни 4 милијарди евра за да ги затвори РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и да се насочи кон обновливи извори на енергија. Одлуката ќе биде соопштена на Климатскиот самит во Дубаи, објави Дојче Веле пренесувајќи ја информацијата на агенцијата Ројтерс.

Меѓународни кредитори, вклучително и Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) и Светската банка, ќе одобрат план вреден 4 милијарди евра кој треба да ја оттргне Северна Македонија од користењето јаглен во енергетиката, потврди првиот човек на ЕБРД за агенцијата Ројтерс.

Договорот, кој треба да биде објавен за време на Климатскиот самит КОП28 во Дубаи кој започнува на 30 ноември, ќе содржи план за затворање на двете преостанати електрани на јаглен во земјата, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со обновлива енергија преку капацитети кои ќе произведуваат 1,7 гигавати електрична енергија.

„Јагленот во Северна Македонија претставува 40 проценти од енергетските извори, тој е многу голем и значаен“, вели претседателот на ЕБРД, Одиле Рено-Басо за Ројтерс.

Северна Македонија е дел од планот наречен „Инвестициска програма за праведна енергетска транзиција“, и опфаќа слични проекти за замена на јагленот со обновливи извори во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка на влади, јавни доверители и приватни инвеститори. 

Портпарол на Климатскиот инвестициски фонд на Светската банка потврди дека Македонија е кандидат за концесиско финансирање во вредност од 85 милиони долари, и вели дека точната сума ќе биде одредена следната година.

Рено-Басо вели дека освен концесиското финансирање во вредност од 300 до 400 милиони евра, финансирањето ќе дојде од мултилатерални позајмувачи како Меѓународната финансиска корпорација и од приватниот сектор. Светската банка и владата на Северна Македонија досега не одговорија на барањата за коментар за планот.

Северна Македонија се приклучи кон Сојузот за енергија без јаглен во 2021 година. Откако првично планираше да го отстрани јагленот од употреба во 2027 година, рокот потоа беше продолжен за јануари 2030 година. Одложувањето, како и плановите да се отворат два нови рудника за јаглен, за да се обезбеди енергија поради војната во Украина, се слични како и плановите на други земји во ЕУ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира