Академијата за креативни млади, програма на BDG агенцијата во партнерство со Sharper B2B од Обединетото Кралство, беше заокружена со завршна презентација во Скопје, на која беа претставени резултатите од работата на 20 млади учесници.
Програмата, поддржана од Британскиот совет преку Фондот за развој на креативни вештини на ЗБ-ОК, имаше цел да го намали јазот меѓу формалното образование и потребите на креативната индустрија. Учесниците, на возраст од 18 до 30 години, поминаа низ менторство, практична работа и развој на комуникациски кампањи во услови блиски до реална агенциска средина.
Академијата започнала со двонеделен интензивен курс во Скопје, предводен од ментори од BDG агенцијата и Sharper B2B. Потоа следувала тримесечна менторска фаза и работилници за креативна стратегија, визуелен дизајн, видео продукција, раскажување приказни во комуникации и управување со проекти.

Во завршната фаза, учесниците работеле во тимови на реални комуникациски брифинзи за Горење и НЛБ. Тие развивале концепти за кампањи, презентирале идеи и граделе професионални портфолија преку практична работа, со насока да се подготват за влез во креативниот сектор.
Жарко Димитриески, коосновач и креативен директор во BDG агенцијата, нагласи дека ваквите програми се важни затоа што на младите креативци им даваат можност да стекнат искуство, да работат на конкретни задачи и да ја развијат самодовербата потребна за професионален почеток.
Од вкупно 20 учесници кои ја завршиле Академијата, 70 проценти биле жени. Во рамки на програмата биле изработени две бренд-кампањи, за Горење и НЛБ, а четворица учесници веќе обезбедиле вработување во креативната индустрија.
Даниел Фајлер, заменик-амбасадор во Британската амбасада, оцени дека програмата покажува како партнерството меѓу Обединетото Кралство и Македонија може да создаде конкретни можности за младите луѓе. Според него, резултатите се видливи преку стекнатите вештини, практичното искуство и првите вработувања на дел од учесниците.

Клер Сирс, директорка за Србија и Западен Балкан во Британскиот совет, посочи дека инвестирањето во креативни вештини и меѓународни партнерства може да има мерлив ефект врз вработливоста и развојот на нова генерација професионалци во креативните индустрии.
На завршниот настан во Скопје беа претставени финалните кампањи, по што следуваше прием и сесија за вмрежување со учесниците, менторите, партнерите и претставници од креативната заедница.
