Речиси половина од Германците се загрижени од потенцијални терористички напади за време на Еуро 2024, покажа истражување објавено денеска на YouGov во соработка со Институтот Синус.
Вкупно 12 проценти од испитаниците се многу загрижени, додека 35 отсто се „донекаде загрижени“.
Од друга страна, 24 проценти не се многу загрижени, а 12 отсто воопшто не се загрижени, при што 16 отсто од испитаниците или немале мислење или не одговориле на прашањето.
Истражувањето исто така покажа дека речиси половина од испитаниците (46 проценти) тврдат дека се рамнодушни кон претстојното фудбалско европско првенство. Вкупно 11 проценти се против првенството, додека 32 отсто рекле дека со нетрпение го очекуваат.
Во онлајн анкетата, спроведена од 18 до 25 април, учествувале 2.065 луѓе.
Европското првенство во фудбал почнува на 14 јуни кога домаќинот Германија игра против Шкотска во Минхен, а финалето на 14 јули ќе биде во Берлин.