Бугарскиот амандман за Македонија во нацрт-извештајот на Европскиот парламент стана нова точка на нервоза во Софија, откако бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека има „вознемирувачки сигнали“ оти во последен момент европратеници може да се обидат да избришат текст што се однесува на Историската комисија и историските споменици. Според дел од медиумите, спорниот дел е веќе влезен во компромисниот амандман, но пред пленарната расправа и гласањето во Стразбур останува неизвесно дали ќе преживее во финалниот текст.
Јотова е вознемирена од можноста еден од амандманите во нацрт-извештајот за Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, да не го помине филтерот на европратениците. Станува збор за амандман што директно ја споменува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Во бугарските медиуми, Јотова предупредува дека во последен момент на пленарна седница може да се направи обид да се отстрани текст што, според Софија, е поврзан со работата на комисијата и со протоколот меѓу двете земји. Таа смета дека бришењето на тој дел би ја направило бесмислена работата на комисијата и нејзините идни заклучоци.
Медиуми објавија дека компромисниот амандман признава постоење различни толкувања за историските карактеристики на македонското општество, но истовремено нагласува дека извештајот нема цел да го прејудицира или ограничи научниот дискурс, ниту пак таквите толкувања да влијаат врз проценката на напредокот на Македонија кон ЕУ, кој треба да остане заснован на Копенхашките критериуми и на добрососедските односи.
Во продолжение на истиот амандман се повикуваат сите страни да ја продолжат работата на историската комисија со добра намера, со цел зближување на општествата. Текстот исто така осудува обиди за замена на историски споменици и артефакти, вклучително и уништување автентично културно наследство, а изразува и жалење за, како што е наведено, уништување и фалсификување бугарски натписи.
Од бугарска перспектива, ова не е обичен збор во извештај, туку тест дали Европскиот парламент ќе ја задржи формулацијата што Софија ја поврзува со Протоколот, Преговарачката рамка и обврските што Бугарија ги смета за европски, а не билатерални. Затоа реакцијата на Јотова е насочена кон стравот дека од финалниот текст може да отпадне дел што Бугарија го смета за клучен механизам на притисок врз Скопје.
БНТ ја пренесе изјавата на Јотова во поширок контекст, поврзувајќи ја и со палењето на дипломатските автомобили на бугарската мисија во Скопје, што таа го оцени како посегателство врз Бугарија. Таа линија дополнително ја заостри бугарската јавна реакција пред европската расправа за напредокот на Македонија.
Бугарското национално радио претходно објави дека бугарски европратеници го оспоруваат извештајот за Македонија и сметаат дека дел од формулациите не ги одразуваат доволно бугарските позиции и „црвени линии“. Според тој контекст, амандманите околу историската комисија, спомениците и преговарачката рамка се дел од пошироката бугарска офанзива извештајот да не биде прочитан како релативизирање на обврските на Македонија.
Во исто време, меѓу усвоените амандмани е и формулација според која јазичните, културните и националните идентитети се вистински темели на секоја земја и не треба да бидат доведени во прашање од трети страни. Во текстот се бара и отфрлање на етнонационалистичката реторика, вклучително и од политичари, кога таа поттикнува поделби и ги поткопува добрососедските односи.
