Циркузот кај Куклица продолжува, приведена жена по напад врз туристи

Случајот со локалитетот Куклица доби ново продолжение, овојпат со полициско приведување по пријава за физички напад врз повеќе посетители на еден од најпознатите природни споменици во Македонија.

Полициски службеници од ОВР Кратово во неделата во 19:30 часот ја лишиле од слобода С.Д. (41) од Кратово. Според пријавата, околу час и половина претходно таа физички нападнала повеќе лица кои го посетувале локалитетот. По насоки на јавен обвинител, жената била приведена во полициска станица, а против неа ќе следува соодветна пријава.

Новиот инцидент доаѓа по повеќемесечни пријави за попречување на пристапот, неовластено наплаќање и агресивно однесување кон домашни и странски посетители. Станува збор за наводи изнесени од Општина Кратово и од посетители, кои треба да добијат конечна разрешница во постапките пред полицијата, обвинителството и судовите.

Само неколку недели претходно полицијата информираше дека жена со иницијали С.Д.Б. била затекната кај Куклица и покрај судска мерка со која ѝ било забрането да го посетува локалитетот. Тогаш беше најавена нова пријава по целосното документирање на случајот. Полицијата сè уште нема официјално соопштено дали се работи за истото лице што сега е приведено поради нападот.

Општина Кратово претходно објави дека во првостепена граѓанска постапка добила пресуда со која Здружението „Извор“ и лицата поврзани со него треба да го предадат просторот во владение на општинската музејска установа и да ги отстранат поставените предмети. Пресудата била обжалена и сè уште не била правосилна.

Куклица е прогласена за споменик на природата уште во 2008 година, а Општина Кратово има обврска да го заштитува, одржува и управува локалитетот. Сепак, наместо среден туристички простор со јасни правила, локалитетот со месеци е сцена на меѓусебни обвинувања, судски спорови, полициски интервенции и инциденти со посетителите.

Најчитано