Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дебата за Европа: Малцинствата и мнозинствата во Европа и книжевно читање

Во рамките на настанот „Дебата за Европа“ кој што започна вчера во Скопје, денеска во Чифте Амам на Националната галерија во Старата чаршија ќе се одржи тематскиот панел „Моќ и права. Улогата на малцинствата и мнозинствата во Југоисточна Европа“.

Односот меѓу малцинствата и мнозинствата е клучот за многу конфликти во Југоисточна Европа, а инструментализацијата и „вооружувањето“ на малцинските групи како од домашните, така од странските политичари останува закана за стабилноста. Истовремено, моќта на мнозинството доаѓа со голема одговорност и правата на малцинствата мора да бидат заштитени. Како може да се размислува за поконструктивен однос меѓу мнозинствата и малцинствата? Кои се столбовите на инклузивното општество? Овие прашања ги надминуваат границите на етничките, јазичните и религиските групи, а се однесуваат и на правата на жените и на ЛГБТК лицата.

Говорници на панелот се Роберт Алаѓозовски (Северна Македонија), Линда Гусиа (Косово), Горана Пебиќ (Србија) и Манол Пејков (Бугарија), а модератор е Кристоф Бендер (Австрија).

Денешната програма на „Дебата за Европа“ ја вклучува и дискусијата и книжевното читање на тема „Литературата во време на конфликт“, исто така во Чифте амам, со почеток во 18.30 часот. Модератор на настанот е Владимир Јанковски, а учествуваат Никола МаџировЕлифе Красниќи од Косово, Сергеј Лебедев од Русија и Аријан Лека од Албанија.

Кое е местото на литературата во светот раскинуван од војни, општествени судири и политички превирања? Колку литературата може да биде слободна во светот кој интензивно станува не-слободен? И што уметноста и литературата всушност прават со својата слобода?

Ова се дел од прашањата на настанот кој е дел од „Дебатата за Европа“ во Скопје, во кој по „Дебатата за Европа во Софија“ одржана во февруари и „Разговорите за војната и мирот“ во Белград оваа есен, водечки експерти, писатели и создавачи на јавно мислење ќе се сретнат во Скопје за да разговараат за некои од најитните прашања поврзани со европската перспектива на земјите од регионот и нивната важност за иднината на Европа.

По разговорот, четворицата писатели ќе прочитаат извадок од свои книжевни дела во кои на книжевен начин се осврнуваат на некои од прашањата и темите отворени во дискусијата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира