Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонски печат на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј во Кина

Во македонската амбасада во Пекинг беше организиран културен настан по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Овој настан е на иницијатива од Рената Пенчова, лекторка на Катедрата за македонски јазик при Универзитетот за странски студии во Пекинг, и Јасмина Џуровска-Блажеска, професорка по математика и природни науки во Меѓународното училиште Чинхуа, во соработка со амбасадата на Северна Македонија во Пекинг. 

Амбасадорот Сашко Насев во име на вработените во македонската амбасада во Пекинг подари книги на библиотеката од Катедрата за македонски јазик од писателите Блаже Конески, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Стале Попов, Коле Чашуле, потоа Граматика на македонскиот јазик…

За историската улога и значењето на Сесловенските просветители Кирил и Методиј говореше лекторката Пенчова. Раководителката на Универзитетот за странски студии Чен Цјао се заблагодари и изрази надеж за успешна соработка во иднина. 

Под раководство на лекторката Рената Пенчова, студентите ги рецитираа песните „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов, „Букви“ од Гане Тодоровски, „Везилка“ од Блаже Конески, „Глаголица“ од Анте Поповски. 

Во настанот се вклучи и македонската заедница, која живее и работи во Пекинг, како и проф. Јасмина Џуровска-Блажеска, која ја промовира македонската култура и јазик преку неформални и дополнителни активности. Во настанот учествуваа и нејзините колеги од Кина, Шпанија, Виетнам, Филипини, кои рецитираа поезија од македонски и кинески поети.

За време на настанот се интерпретираа и македонските народни песни. Музичарите Луси Ду, Фреја Чен, Адам Матејак, Инма де Лахоз и Меги Хуи ги изведоа „Јовано Јованке”, „Назад, назад Калино моме” и „Море сокол пие“, а на тактовите на „Македонско девојче” кинеските и странските пријатели заиграа оро.

Настанот заврши со скромен коктел на кој беа послужени традиционална македонска храна, домашни колачи, ракија и вино.

Зачлени се на нашиот е-билтен