Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Директна закана по животот на Џабир Дерала: Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне

Директна закана со убиство денеска му беше упатена на Џабир Дерала. Во коментар на неговата колумна „Снајперисти со врзани очи“, од профилот „Александар Антиќ“ беше напишан коментарот:

„Биди видлив гнидо, куршумот кај и да е ќе те стигне“

На профилот стои дека се работи за лице кое се претставува како правник и дека е од Скопје. Повеќе податоци не се откриваат во профилот за оние што не му се Фејсбук пријатели.

Говорот на омраза, навредите, како и заканите по животот на колегата Џабир Дерала се интензивирани во последно време, што се совпаѓа со периоди кога во земјата се одвиваат важни настани или процеси.

Дерала е мета на говор на омраза и закани по животот и во контекст на руската брутална инвазија против Украина од проруски, антизападни и националистички профили на социјалните мрежи.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ ја издвојува оваа закана како вистински опасна по животот на колегата Дерала, но треба да послужи и како илустрација, бидејќи не е единствена.

Воедно, ЦИВИЛ ја потсетува јавноста и надлежните институции, во прв ред МВР и ОЈО, дека колегата Дерала е под континуиран напад и од дел од медиумите, вклучувајќи и телевизии кои емитуваат програма на национално ниво, блиски до антизападните политички ентитети и центри на моќта и надвор од земјата.

Неговото име често го споменуваат во негативен контекст и со говор на омраза и високи политички функционери и шефови на политички партии од десницата.

Во моментов, Дерала го тужат шефот на ВМРО-ДПМНЕ и директорот на ТВ Канал 5, близок до десницата, за текст објавен во порталите каде што е главен уредник, односно за изречен збор и вредносен суд во негова колумна.

Обидите за дискредитација и говорот на омраза насочени кон Дерала кои доаѓаат од високи политички претставници и од медиумите, претставуваат дополнителен поттик и реална закана за животот на колегата Дерала.

ЦИВИЛ апелира до надлежните институции да преземат законски дејствија за заштита на животот на колегата.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

Треба да знаете
Moже да ве интересира