Долгот над 11 милијарди, Кочовска молчи пред камерите, посочува СДСМ

СДСМ

Долгот над 11 милијарди евра повторно ја отвори политичката пресметка околу јавните финансии, откако СДСМ побара министерката за финансии Гордана Кочовска јавно, пред камерите и пред граѓаните, да ги објасни бројките за буџетот, задолжувањето и состојбата во која се наоѓа државата.

Од партијата велат дека Кочовска самата ги повикала на средба за, како што навела, „убаво да ги објаснат работите“, но дека СДСМ побарал разговорот да биде јавен, за граѓаните да ги слушнат фактите. Според нив, по тоа министерката се повлекла и не се појавила ниту во Собранието.

СДСМ тврди дека причината за ваквото однесување е што Владата на Христијан Мицкоски нема одговор како за две години, според нивните пресметки, ја задолжила државата за околу 2,5 милијарди евра. Во соопштението се наведува дека во декември 2023 година јавниот долг изнесувал околу 8,5 милијарди евра, а дека со новото задолжување од 260 милиони евра тој се искачил над 11 милијарди евра.

Од опозициската партија прашуваат каде завршиле тие пари, ако, како што велат, не се преточиле во повисоки плати, поголема минимална плата, подобар животен стандард, мерки против поскапувањата или поддршка за земјоделците.

Во соопштението СДСМ оценува дека граѓаните се посиромашни, цените се високи, мерки нема, а земјоделството е пред колапс поради намалени субвенции. Партијата ја обвинува власта дека парите завршуваат во тендери и луксуз, додека, како што велат, кога треба да одговара со факти и бројки, ВМРО-ДПМНЕ бега или создава нов дефокус.

Најчитано