Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Донесен законот за нефер трговски практики за спречување на манипулациите со цените

Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната 148. седница го донесе Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

По утврдувањето на дневниот ред и негово дополнување со предлог законите за изменување и дополнување на законите за медиуми и за научно-истражувачката дејност, по скратена постапка, пратениците го донесоа и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка. Целта на ова законско решение е брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.

Собранието ги донесе и законите за Канцеларија за поврат на имот, за правда за децата, за финансиски инструменти, за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, како и предлогот на автентично толкување на членот 70 став (3) од Законот за градежно земјиште. 

Претседателот на Собранието Јован Митрески ја прекина 148. седница, за чие продолжение ќе има дополнително известување, а Собранието продолжи да расправа по продолжението од 140. седница.

Зачлени се на нашиот е-билтен