Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дваесет и девет години од атентатот врз Киро Глигоров

На 3 октомври 1995 година, на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, беше извршен напад со автомобил бомба активиран во моментот кога возилото на претседателот Глигоров минуваше на пат до Претседателскиот кабинет.

Денеска се навршуваат 29 години од неуспешниот атентат врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, кој преживеа со тешки повреди на главата.

Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.

Сè уште останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител сè уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеал атентатот.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, биле легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело на државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен