Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Есенската кошничка“ на Владата ќе стане зимска, трговците „тријат раце“ од профит

Владата најави мерка дека ќе поевтинат над 100 производи, но таа уште се разгледува, неделава би се нашла на владина седница, а и прашање е колку ќе има реално поевтинување бидејќи најголемиот број на трговци веќе ги зголемија цените поради започнување на примената на Законот за нефер трговски практики кој беше изгласан на 13 март годинава, а треба да стартува на 28 септември.

Министерството за економија денеска треба да добие Предлог од работната група за есенската потрошувачка кошница со според најавите 100 прехранбени земјоделски производи со ограничени трговски маржи или замрзнати цени.

Според најавите, со есенската кошница треба да бидат опфатени зеленчук, овошје, пекарски, млечни производи.

Работната група е составена од претставници на министерствата за економија, земјоделство и финансии.

Врз основа на симулација ќе ја утврди есенската потрошувачка кошница со 100 производи и дали ќе има замрзнување на цените или ќе се ограничат маржите од 5,10 и 15 проценти.

Со Законот пак , маржите на трговците се ограничуваат на максимум 10 отсто од производствената цена, што е значително намалување од сегашните 30-40 отсто. Се очекува оваа мерка да донесе пониски цени за потрошувачите и поголема правичност во трговијата.

Цените во маркетите постојано растат, а особено високи се тие на зеленчукот и овошјето што не е карактеристично за месец септември. Доматите достигнаа цена и до 130 денари, пиперките за ајвар 80 денари, краставиците 70-80 денари. Цената на грозјето се движи меѓу 80 и 130 денари, пиперките 60 денари, а слични се цените и на пазарите.

За непочитување на законските одредби се предвидени глоби до 20 000 евра.

Министерот за економија Бесарт Дурмиши објаснувајќи ги „кошничките“ на премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека ќе се прави ограничување на цените во одредено ниво или ограничување на маржата од пет до 15 проценти.

-Овие акциски кошнички ќе продолжат и во наредниот период ќе има, велигденска, рамазанска, зимска. Оваа мерка ќе биде доставена следната недела до владата со цел да се усвои и како што изјави Дурмиши веднаш ќе се започне со процедура да се почитува таа мерка.

За експертите се уште најавената мерка има доста нејаснотии, како прво не се знае колку време ќе траат одредените кошнички кои се најавени и кои производи конкретно ќе бидат со намалени цени.

Оваа најавена мерка доаѓа по пожестоките реакции на граѓаните во јавноста и во социјалните мрежи дека цените на храната континуирано се зголемуваат. За разлика од кај нас на светските берзи најголемиот дел од храната со месеци поевтинува, а соседните земји пак веќе реализираат мерки за поевтинување на цените.

С.Т.

Најново