АД ЕСМ најостро ги демантира неточните и тенденциозни наводи во текстот под наслов „На повидок е скандал со елементи на кривична одговорност од ЕСМ“, објавен на вашиот портал на 29 април во 14 часот.
Фактите на теренот целосно ги демантираат вашите обвинувања. Утрово, 30 април, системот за централно греење функционира непречено. Бидејќи се исполнети метеоролошките услови, потрошувачите се разбудија со топли радијатори. Јавниот повик за набавка на природен гас (кој трае до 1 мај, 06:00 часот) во целост го покрива и гасниот ден на 30 април. АД ЕСМ навремено ги достави сите дневни номинации за гас, кои се уредно потврдени од надлежните оператори и се реализираат без никакви отстапувања.
Наводите за наводни пропусти во обезбедувањето енергенс и номинации се целосно неосновани и произлегуваат од непознавање на начинот на функционирање на гасниот и топлинскиот систем. Целосно ги отфрламе инсинуациите за „кривична одговорност“, кои претставуваат сериозен обид за нарушување на угледот на компанијата и доведување на јавноста во заблуда.
Иако денес официјално завршува грејната сезона, АД ЕСМ е подготвен да продолжи со испорака на топлинска енергија и во деновите од претстојниот викенд, доколку тоа го налагаат метеоролошките услови.
АД ЕСМ продолжува да ги извршува своите обврски професионално и транспарентно во интерес на граѓаните. Во интерес, пак, на вистината и објективното информирање, очекуваме интегрално објавување на овој демант. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземе сите правни активности за заштита на својот углед и ќе поднесеме соодветна реакција до Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за кршење на основните етички правила на известување, со оглед на фактот што анонимниот автор на текстот не се ни обидел да побара став или информација од нашата Служба за односи со јавност пред да го објави предметниот текст.