ЕУ ќе испрати уште шест авиони со хуманитарна помош за цивилите во Газа 

 Во рамки на своите активности за доставување хуманитарната помош во Газа, ЕУ за следниве денови закажа шест летови во рамки на нејзиниот хуманитарен воздушен мост, најави денеска портпаролот на Европската комисија за хуманитарна помош и кризен менаџмент Балаж Ујвари. 

– Два лета од Бриндизи треба да полетаат денеска и утре со 55 тони производи донирани од ЕУ за Светската програма за храна. Дополнително, следната недела од Букурешт треба да полетаат уште три авиони со шатори и душеци донирани од Романија. Последниот авион ќе полета од Остенде, Белгија, кон крајот на овој месец, изјави Ујвари. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ујвари додаде дека севкупно преку воздушниот мост на ЕУ за жителите на Газа ќе бидат доставени над 550 тони помош, транспортирани до Египет за брза дистрибуција преку граничниот премин Рафах. 

Во врска со новата помош за Газа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен потсети дека ЕУ отсекогаш била најголемиот меѓународен донатор на палестинскиот народ. 

– Остануваме посветени на хуманитарните потреби на луѓето во Газа. Затоа организираме повеќе летови за помош за да им помогнеме на што е можно повеќе цивили. Осум летови со многу потребни залихи веќе стигнаа до Египет, а уште шест се закажани за наредните денови. Во исто време, работиме на комплементарни рути, како што е поморскиот коридор, додаде Фон дер Лајен. 

ЕУ ја зголеми четирикратно својата хуманитарна помош за Газа во 2023 година на над 100 милиони евра, а на последниот Самит на Унијата на 26 октомври беше упатен апел за континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и помош до лицата на кои им е таа потребна, како и за воспоставување хуманитарни коридори и прогласување хуманитарни паузи. 

Во рамки на хуманитарниот воздушен мост на ЕУ за помош на цивилите во Газа од 16 октомври, па до сега, беа испратени осум летови со преку 372 тони помош, кои беа доставени до цивилното население преку партнерските организации на Унијата кои работата на терен. 

Дополнително, преку својот Механизам за цивилна заштита, ЕУ понуди поддршка за летови за репатријација на странците од Египет и Израел.

Треба да знаете
Moже да ве интересира