Околу 200 туристи биле евакуирани со хеликоптери од австриската долина Каунертал, откако силни бури предизвикале серија одрони кои целосно го блокирале сообраќајот и ги оставиле посетителите отсечени во планинскиот регион, соопштија властите во покраината Тирол.
Невремето било проследено со силен град во неделата попладне, по што дошло до повеќе одрони кои затрупале дел од патната инфраструктура и ја прекинале единствената сообраќајна врска со долината. Големи количини камења и земја се урнале по планинските падини, при што биле блокирани и планинските потоци, кои потоа нагло набабреле и создале дополнителен ризик од поплави.
На едно од критичните места, уништени се околу 50 метри од патот, што дополнително ја отежнало евакуацијата по копнен пат. Поради опасните услови на теренот, австриските власти одлучиле да ангажираат хеликоптери на војската за воздушно извлекување на туристите.
Според кризниот штаб, дел од посетителите претходно биле евакуирани од здравствени причини, додека останатите биле сместени во планински засолништа и локални објекти, каде ја поминале ноќта до почетокот на операцијата.
Во самите одрони нема пријавени повредени или исчезнати лица, но властите предупредуваат дека регионот останува високоризичен поради нестабилниот терен и можноста за нови одрони и поплави.
Долината Каунертал, каде се наоѓа еден од најпознатите високопланински патишта во Австрија, важи за подрачје подложно на вакви природни појави, особено при силни врнежи и грмежи. Метеоролошките служби најавуваат можност за ново невреме во наредните денови, со зголемен ризик од локални свлечишта и нарушување на сообраќајот во Тирол.
