Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европа во неизвесност – какви ќе бидат надворешнополитичките приоритети на САД после изборите

Претстојните претседателски избори во САД се одржуваат на две и пол години по почетокот на сеопфатната руска инвазија на Украина. САД и понатаму имаат најголем придонес во одбраната на Украина и се очекува дека, доколку Камала Харис биде избрана за претседателка, таа политика да продолжи.

Но што ако  Доналд Трамп се врати во Белата куќа?

Намерата на Трамп да воведе тарифи против партнерите на САД предизвикува загриженост во Европа. Тој вчера неслучајно изјави дека „Европа купува премалку стоки од Америка“. Европските земји и без такви тарифи се борат да одржат некаков економски раст. Но, политичарите и експертите од стариот континент не се загрижени само од можноста за реизбор на Трамп.

Тие стравуваат дека, без оглед на тоа кој ќе победи на изборите, приоритетите на САД се менуваат: веќе сега на прво место е Блискиот исток, а долгорочно централно место во американската политика зазема Кина.

Европа е загрижена дека вниманието на САД ќе продолжи да се насочува кон Азија, па таа мора самата да се грижи за себе и својата безбедност.

Министерот за одбрана на Германија Борис Писториус, потпишувајќи нов одбранбен пакт со Обединетото Кралство, истакна дека САД ќе обрнуваат повеќе внимание на индотихоокеанскиот регион, „така што прашањето е само дали поради тоа ќе прават многу помалку во Европа или само малку помалку.“

-Во надворешната политика на САД Европа веќе нема централно место како во годините на формирањето на курсот на Бајден, вели Рајчел Таузендфројнд, виш научен соработник на Германскиот совет за меѓународни односи во Берлин изјави за Гласот на Америка. „И во тој контекст точно е дека Бајден е последниот трансатлантски претседател.“

Ако Трамп победи на изборите, „ги имаме сите индикации дека тој не е заинтересиран за продолжување на поддршката за Украина во оваа војна“ и ќе се стреми брзо да постигне прекин на огнот или мировен договор што можеби нема да им се допадне на Киев и на Европа, изјави таа. „Европа никако нема да може да го пополни воениот јаз доколку САД се откажат од поддршката за Украина“.

-Не смееме да се откажеме. Мораме да продолжиме да ја поддржуваме Украина, изјави претседателот Бајден за време на неговата неодамнешна посета во Германија. „Според мене, треба да продолжиме со подршката сè додека Украина не постигне праведен и траен мир.“

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен неодамна најавија формирање на нова висока целна група за зајакнување на соработката помеѓу НАТО алијансата и ЕУ.

Борис Камчев, ексклузивно за Рацин.мк од Вашингтон

Зачлени се на нашиот е-билтен