Носителот на СДСМ во четвртата изборна единица на првиот ден од кампањата порача дека граѓаните бираат помеѓу два суштински различни концепти на овие избори.
„Пред нас се избори на кои граѓаните бираат помеѓу два многу различни концепти. Едниот е нашиот, кој гарантира зачувување на мирот, стабилноста и интегрирање на Македонија во Европа. Нашата порака е јасна и искрена. СДСМ го нуди патот на развојот и сигурноста. Од друга страна е концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој се заснова на дестабилизација, застој, блокади и доведување во прашање на се она што е постигнато. Нивната понуда е неискрена, нејасна и опасна за иднината на земјата“, рече Филипче.
Ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на нивната стратегија чија цел не е напредокот, туку назадувањето, не е мирот, туку конфликтот. Не е градењето пријателства, туку создавање внатрешни и надворешни непријатели, амбиент кој го создава ВМРО-ДПМНЕ, истакна Филипче.
„Тоа е амбиентот кој ќе биде секојдневие ако победат на изборите. Со ВМРО-ДПМНЕ нема напредок, затоа што едноставно напредокот не им одговара. Затоа што тие не би знаеле да се снајдат во таква ситуација. ВМРО-ДПМНЕ знае да води политика само ако Македонија е во калта, долу. Знаат да пливаат во политиката само ако разговараме за поделби, за етнички конфликти, за лажен патриотизам“, рече Филипче.