„Фостер“ повторно во аптеките, пациентите плаќаат само партиципација

Лекот „Фостер“, кој го користат пациенти со астма и хронична опструктивна белодробна болест, повторно е достапен во аптеките преку Позитивната листа, без дополнителна доплата. Пациентите ќе ја плаќаат само законски утврдената партиципација за лекот на рецепт, соопшти Министерството за здравство.

Со тоа завршува периодот во кој дел од пациентите мораа значително повеќе да доплаќаат за терапијата. Во јули директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски најави дека од 1 август „Фостер“ ќе биде достапен без дополнителна доплата, со партиципација од 280 денари.

Проблемот се појави по промената на референтната цена, кога цената што ја плаќаа пациентите за „Фостер“ се зголеми до 1.081 денар. Тогаш Министерството најави разговори со носителот на одобрението за лекот, а ФЗО објасни дека со влезот на генерички производ на Позитивната листа се создава конкуренција и можност пациентите да избираат меѓу повеќе производи.

Од Министерството сега информираат дека истите услови важат и за други лекови што ги содржат истите активни компоненти и се користат во третманот на ХОББ.

„Фостер“ содржи беклометазон и формотерол и се издава на рецепт. ФЗО во јули соопшти дека преку проширувањето на Позитивната листа и воведувањето генеричка конкуренција настојува да ги намали трошоците за пациентите и да обезбеди поголем избор на терапија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?