Грција ќе ја скратува биометријата на граница кога има големи гужви

Грчките гранични служби ќе можат привремено да ја скратат биометриската постапка на премините со Грција кога има зголемен сообраќај и долги колони, но регистрацијата на патниците во европскиот систем ЕЕС останува задолжителна.

Ова значи дека во исклучителни случаи, кога на граничните премини ќе се создадат сериозни застои, контролата може да помине без фотографирање и земање отпечатоци. Одлуката не значи укинување на системот, туку користење на можностите што ги дозволува европската регулатива за побрз проток на патници.

Отстапката првично важи до 8 јули, со можност автоматски да биде продолжена до 6 септември 2026 година, доколку продолжат условите на исклучително зголемен сообраќај. Прашањето е особено важно за копнените премини кон северна Грција, меѓу кои и Евзони, односно Богородица, кој е една од најфреквентните точки за патници од Македонија и регионот.

ЕЕС, односно Entry/Exit System, е новиот европски систем за регистрација на државјани од земји надвор од ЕУ кои влегуваат или излегуваат од Шенген-зоната за краток престој. Системот ги заменува досегашните печати во пасошите со дигитална евиденција за влез и излез, а во редовна постапка опфаќа и фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ.

Во пракса, патниците од Македонија и другите земји од регионот кои не се членки на ЕУ и натаму ќе мора да бидат регистрирани при премин на границата. Разликата е во тоа што, при големи гужви, грчките власти ќе можат привремено да ја применат постапката во скратена форма, со цел да се намалат колоните и чекањето.

Грчките власти наведуваат дека на копнените премини биометриските податоци се земаат во кабините на граничната полиција, со посебна опрема, а засега не е предвидено поставување киосци за саморегистрација. Наместо тоа, се користат мобилни технички решенија, меѓу кои преносни станици и таблети за пасошка контрола.

Долгите чекања на грчките граници веќе предизвикаа реакции од туристичкиот сектор во северна Грција, каде патниот туризам од Македонија и другите балкански земји има значајно место во летната сезона. Хотелиерите предупредуваат дека километарските колони создаваат лошо прво искуство за туристите и може да влијаат врз сезоната.

Најчитано