Хрватска со построги правила на граница: Што смеат да носат патниците

Патниците што летово влегуваат во Хрватска треба повнимателно да го подготват багажот, бидејќи од 1 јуни 2026 година почна целосната примена на новите европски царински правила за стока што по патен и железнички транспорт влегува во царинското подрачје на Европската Унија преку Хрватска. Новите обврски главно се однесуваат на превозниците и на стоката што се внесува во ЕУ, но за обичните патници остануваат важни ограничувањата за личен багаж, храна, алкохол, цигари и лекови.

За стока во личен багаж, патниците од трети земји имаат право на ослободување од царина, ДДВ и акцизи ако внесуваат производи за лична употреба, а не за препродажба. Вредносниот лимит изнесува 430 евра за патници што влегуваат со авион или брод, 300 евра за патен и железнички сообраќај, а 150 евра за патници помлади од 15 години.

Најчестиот ризик за патниците е храната. За оние што доаѓаат од земји надвор од ЕУ не е дозволен внес на месо, млеко и производи од месо и млеко. Тоа значи дека сендвичи со сувомеснато, сирење, месни преработки или млечни производи можат да бидат одземени на граница. Дозволени се одредени исклучоци, меѓу кои до 20 килограми риба и рибни производи по лице, до 2 килограми мед, јајца и други производи од животинско потекло, како и специјална храна за доенчиња, медицинска храна и одредена храна за домашни миленици, под услов да ги исполнуваат пропишаните правила.

Леб, бисквити, вафли, чоколада, слатки и слични производи можат да се носат за лична употреба ако се стабилни на собна температура и не содржат свежо или преработено месо. Производите што ги надминуваат дозволените количини може да бидат предмет на ветеринарен преглед и мора да имаат соодветна документација. Непријавените или недозволени производи од животинско потекло се одземаат и уништуваат, а патникот може да биде казнет.

Ограничувања има и за тутун и алкохол. За патници што влегуваат по патен или железнички сообраќај дозволени се 40 цигари, 20 цигарилоси, 10 пури или 50 грама тутун за пушење. Кај алкохолот дозволени се 1 литар жесток алкохол над 22 проценти или 2 литра алкохолни пијалаци до 22 проценти, како и 4 литри вино и 16 литри пиво. Овие ослободувања не важат за лица помлади од 17 години.

Лековите можат да се носат само за лична употреба и во количина потребна најмногу за лекување до еден месец, со соодветна медицинска документација. За лекови што содржат контролирани супстанции правилата се построги: дозволена е количина за најмногу пет дена, освен во посебни случаи на супституциска терапија или терапија за малигни заболувања, кога може да биде дозволена количина за подолг, но ограничен период.

Новите правила за влезни скратени декларации не значат дека секој турист ќе мора да пополнува царинска пријава за личниот багаж. Хрватската царинска управа наведува дека обврската се однесува на стока што се внесува во ЕУ преку патен и железнички транспорт, а поднесувањето декларација е обврска на превозникот или овластено лице. Од оваа обврска е изземена стоката што се наоѓа во личниот багаж на патниците.

Најчитано