Најмалку седум лица загинаа, а 30 се повредени во нов напад на Хутите врз јеменскиот пристанишен град Мока на Црвеното Море, соопшти јеменската војска. Меѓу загинатите се четворица припадници на вооружените сили и тројца цивили.
Нападот бил изведен со балистички ракети и беспилотни летала, а погодени биле и цивилна инфраструктура и станбени делови на градот. Јеменската противвоздушна одбрана соопшти дека пресретнала и соборила 11 дронови употребени во нападот.
Хутите ја презедоа одговорноста за нападот. Нивниот воен портпарол Јахја Сари соопшти дека цел биле позиции на саудиски сили и складишта со оружје во областа. Телевизијата Ал Масира, која е поврзана со Хутите, објави снимки од лансирање повеќе ракети и дронови.
Новиот напад следува помалку од 24 часа по претходен бран удари врз Мока и нејзиното комерцијално пристаниште. Во нападите е причинета значителна материјална штета на пристанишната инфраструктура, објекти и резерви во градот.
Мока се наоѓа на јеменскиот брег на Црвеното Море, во близина на Баб ел Мандеб, еден од најважните поморски премини меѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив. Обновените напади доаѓаат во период на засилени судири меѓу Хутите и силите на меѓународно признаената јеменска влада. Само неколку дена претходно, најмалку 30 владини војници беа убиени во напади на Хутите во провинциите Мариб и Хадрамаут.
