Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, денеска свика кризен состанок со највисоките функционери на светската фудбалска организација во Рабат, Мароко, поради зголемениот притисок врз неговото раководство.
На состанокот треба да присуствуваат генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, како и членовите на раководниот тим на организацијата. Според британските медиуми, состанокот бил свикан по серијата критики и повлекувањето на поддршката за Инфантино од повеќе европски фудбалски федерации.
Кризата започна по предлогот дел од комерцијалните права поврзани со Светското првенство да бидат префрлени во нова компанија во која би влегле приватни инвеститори. Предлогот беше повлечен по противењето на УЕФА и други континентални конфедерации.
Поранешниот тренер на Арсенал и актуелен директор за глобален фудбалски развој во ФИФА, Арсен Венгер, соопшти дека не учествувал во подготовката на проектот и дека неговото повлекување било неопходно. Тој порача дека ФИФА мора да остане независна, транспарентна и посветена на интересите на фудбалот.
Од планот се дистанцираше и генералниот секретар Графстром, кој во интерна порака до вработените го оцени развојот на настаните како тежок и неприфатлив. Главниот оперативен директор Кевин Ламур изјави дека вработените биле доведени во заблуда, додека високиот советник на Инфантино, Карлос Кордеиро, поднесе оставка.
Претседателот на Фудбалската федерација на Јордан, принцот Али бин ал Хусеин, ја обвини ФИФА дека користела финансиски средства како притисок за да обезбеди поддршка за нов мандат на Инфантино. ФИФА досега јавно не одговорила на неговите обвинувања.
Дел од европските федерации веќе ја повлекоа поддршката за Инфантино, додека членови на Советот на ФИФА се обидуваат да обезбедат мнозинство за состанок на кој тој би требало да одговара за спорниот проект и начинот на кој бил подготвуван.
БГНЕС објави дека на состанокот во Мароко може да биде отворено и прашањето за повлекување на Инфантино од функцијата. Засега нема официјална потврда од ФИФА дека тој подготвува оставка.
