Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јаков Попоски од Drim Short Film Festival 2024 за бесконечната слобода покрај Црн Дрим

„Drim Short Film Festival 2024“ – ,,Осум лета, една идеја за бесконечност“ годинава од 8-ми до 11-ти август во Струга, ќе ја донесе слободата на големиот екран. „Слободата“ како тема која денес често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена, погазена, украдена и прелажана. Слободата, заробена од „слободниот свет“. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата, велат организаторите на „Drim Short 2024“, фестивалот што не нуди филмски гламур, туку филмска безгрижност и за публиката и за гостите од светот на филмот. За „Drim Short 2024“ и за неговата слобода да биде да тоа што е, разговаравме со Јаков Попоски.

Трн: Oсмото издание на фестивалот e под мотото „Бесконечна слобода“, тема која велите често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која денес е заробена од „слободниот свет“. Дали Филмот е израз на слободата која ја барате?

Jаков: Сите ние кои некако се занимаваме со филмската уметност, знаеме дека конечниот колективен продукт, филмот, е ограничен од реалните можности за да се рализира, односно продуцира. Меѓутоа, чистата уметност во филмот, ако се „решат“ продукциските ограничувања, е всушност вистинскиот израз на бесконечна слобода. Авторите користејќи ја својата имагинација, имаат бесконечно можности да измислуваат и креираат нови светови, во кои тие се господари на човечките судбините (или судбините на било каквите „живи“ суштества), и имаат неограничено право да промовираат слободни луѓе, слободни мисли, слободна волја и воопшто слобода во тие светови, различна од заробената слобода во реалниот свет. Во филмските, измислени и наново дефинирани светови авторите имаат бесконечна слобода да одлучат секогаш доброто да го победува злото, а вербата да не биде само залуден мисловен процес. Состојбата во светот полека, но сигурно ја зголемува својата ентропија до степен на хаос без крај. Затоа нашиот придонес кон слободата е бесконечноста што ја нуди светот на филмот.

Трн: Што го прави овој филмски фестивал посебен и како се разликува од другите?

Jаков:  Овој филмски фестивал веројатно е посебен најмногу поради искреноста со која членовите на тимот учествуваат во работата за фестивалот. Од година во година, без разлика на финансиската моќ на фестивалот, без разлика на успоните и падовите, тимот се шири со луѓе кои гаат искреност кон идејата овој фестивал да постои, да расте, да се развива во една специјална приказна која ќе донесе позитивни промени во градот. Посебни сме затоа што не нудиме филмски гламур, туку филмска безгрижност и за публиката и за гостите од светот на филмот.

Трн: Како се правеше годинешната селекција на фестивалот и што ќе им понуди на љубителите на филмот( во сите категории)?

Jаков: Селекцијата и оваа година се правеше да одговара соодветно на програмата, која е поделена во 4 напреварувачки категории и тоа интернационална, регионална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“ која петта година ја правиме во соработка со ЗФД Форум Македонија. Не бевме изненадени од многуте апликации кои годинава пристигнаа на нашиот профил на платформата Film Freeway, од каде беа селектирани дел од филмовите кои влегоа во програмата, додека останатите филмови се плод на фестивалските активности и работа на нашиот долгогодишен селектор, режисерот Иван Бакрач. Програмата ќе понуди триесетина кратки филмови, за кои единствените критериуми за избор беа квалитетот, односно естетската вредност на филмовите.

Трн: Што ќе понудат македонските автори годинава на фестивалската публика?

Jаков:  Во регионалната компетитивна програма, селектирани се два филмови и тоа филмот „Имиња“ на Јане Спасиќ и „Дали си маж?“ на Ѓорче Ставревски. Исто така веќе неколку години постои програмата „МК спешл“ за филмовите продуцирани од нашите, македонски автори. Оваа програма ја следи една од главните цели кои ги проектиравме кога го основавме фестивалот, а тоа е да оставиме простор да се чујат овие гласови, преку промоција на македонските филмски автори и продукцијата на краток филм. Во оваа селекција се филмовите „Так Так“ на Јане Алтипармаков, „Ќелија 9“ на Јован Саркањац, „Прошетка“ на Елеонора Венинова, „Кутии“ на Ангела Димеска и „Мавера“ на Батухан Ибрахим. Како и секоја година, победникот во оваа програма го избира публиката на фестивалот.

Трн: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате при организирањето на фестивалот?

Jаков: Во однос на продуцирањето и процесирање на култура во нашата држава, ништо значително не се промени во текот на изминатата година. Оттука, секогаш кога ќе ни го постават ова прашање одговорот е финансиите и инфраструктурата во Струга. Трошоците за продукција на вакви настани секоја година се зголемуваат, а инфраструктурата, односно фестивалскиот простор е стар и секоја година вложуваме многу за да го доведеме до состојба на пристојност. Меѓутоа оваа година ентузијазмот, или инаетот, не натераа да го одржиме продукцискиот квалитет, и да организираме можеби и поквалитетно издание од минатата, а истиот тој инает ни ја чува надежта дека догодина ќе бидеме уште подобри.

Трн: Како го гледате развојот на филмската индустрија и кои трендови ги забележувате во европската и светска кинематографија?   

Jаков: Развојот на филмската индустрија е постојан, еволуирачки процес, каде новите технологии и иновации играат голема улога. Во европската и светската кинематографија се забележуваат трендови на појавување на филмови со силни социјални и политички пораки, како и зголемена употреба на нови техники и формати како виртуелната реалност. Исто така, постои тренд кон повеќе копродукции и глобална соработка, што овозможува создавање на поразновидни и културно богати приказни, како и поголема шанса за размена на искуства помеѓу филмските работници.

Трн: Како гледате на улогата на филмовите во општеството денес? Особена на кратките филмови?

Jаков:  Филмот секогаш имал улога да влијае врз општествените промени, тоа е еден од најголемите амбасадори на една држава. Особено важна е кратката филмска форма, која има уникатна улога поради својата должина, каде пораката се пренесува брзо и ефективно.

Трн: Што би им препорачале на младите талентирани уметници од земјава кои сакаат да влезат во филмската индустрија?

Jаков: Најпрво да бидат искрени кон публиката и кон себе, и секако истрајни во идејата да станат успешни филмски работници. А дека е лесно, не е

Трн: Кој е вашиот омилен филм од овогодинешниот фестивал?

Jаков:  Тешко прашање. Ќе мора да ги погледнеме заедно сите филмови уште еднаш, за да може да одговриме на ова прашање.

Трн: Што би сакале да видите повеќе во иднина на Дирим Шорт Фестивал? Што е она со што би сакале да продолжите да ја освојувате публиката?

Jаков:  Веруваме дека не е нескромно ако кажеме дека сакаме во наредните 5 години Дрим Шорт да стане еден од најважните фестивали на краток филм во регионот, сакаме фестивалот да добие некоја основна финансиска стабилност, сакаме фестивалот да добие свој „дом“ каков што заслужува, сакаме да станеме квалификациски фестивал за Европските филмски награди, но и покрај сето горенаведно, сакаме да останеме скромни, негламурозни и непосредни домаќини за сите наши пријатели од светот на филмот.

Адријана Георгиев

Преземено од Трн.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен