Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како постигнавме рекорден број туристи – Приказни од секојдневието на туристичкиот водич Васко Марковски

Секоја наредна година бројот на туристи во земјата се зголемува. Во земјава лани се евидентирани вкупно 734.139 странски туристи. Во однос на 2022 година, бројот на странските туристи е зголемен за 36.6 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. За тоа од каде доаѓаат туристите, кои места ги посетуваат разговаравме со туристичкиот водич Васко Марковски којшто веќе 10 години воспоставува врска помеѓу посетителите и градот и нашата земја.

Со Васко Марковски разговараше Хусамедин Гина

Туристичкиот водич Васко Марковски е препознатлив со синиот чадор и е еден од двајцата што можете да ги видите со група туристи, помала или поголема низ центарот на Скопје.

Се договараме да се сретнеме на плоштад „Македонија“, токму таму каде што ја започнува турата низ метрополата. На прашањето дали се подготвен за интервјуто за порталот Рацин.мк покажувајќи го потсетникот рече: „Имам подготвено многу интересни информации“.

Без разлика дали врне дожд, паѓа снег или грее сонце, туристичкиот водич Васко Марковски работата веќе 10 години ја врши со голема љубов, беспрекорно, и со голема професионалност. До сега има направено 1100 тури низ Скопје, со него прошетале над 11 илјади туристи од вкупно 87 земји.

Одговарајќи на прашањето од што најмногу се пријатно изненадени туристите во Скопје, Васко Марковски рече дека изненадени се од она што ќе го пробаат како храна, којшто на некој начин е мешавина од разни медитерански кулинарски искуства, а исто така позитивен впечаток оставаат и локални луѓе кои се мешавина од различни верски, етнички идентитети.  

„Пред се една реакција многу ме изненадува, која што често ја слушам, велат јас ова не го очекував во позитивна смисла. На пример, веќе патување во соседните земји некаде и градовите еден по друг им се некако предвидливи, но Скопје со сите контраверзности вклучително што се случија низ годиниве е поинакво. Но, друго што прави поинакво е она што ќе видат како луѓе локални, значи тоа мешавина од луѓе од различни верски, етнички идентитети, луѓе којшто ги доживуваат како срдечни, како приемчиви“, раскажува Васко Марковски.

Васко истакнувајќи дека уличните кучиња се особено интересни за туристите,  рече дека од нив се изненадени во позитивна смисла.

„Има работи којшто ги збунуваат, којшто им се интересни. Една од нив е кучињата којшто редовно не придружуваат за време на турите, друго е едно прашање кое често го слушам, зошто имате толку многу споменици. Тоа го очекуваме. Но и прашањето зошто имате толку многу казина. Прашања на кои што е тешко да им одговорам“, посочува туристичкиот водич Васко Марковски.

Според Васко, на туристите им се допаѓа и тоа што речиси секој знае да зборува барем некое средно ниво на англиски, кое што прави лесно да се ориентираат и да се снаоѓаат низ нивните потреби во градов.

Посочувајќи дека една од причините што ја сака оваа работа е тоа што во својот град запознава луѓе од секаде по светот. Васко Марковски меѓу поинтересните профили го спомена момчето од Јужна Кореја којшто во Скопје стигнал пеш од Португалија. Со него направил муабет за тоа колку се битни удобните чевли за лицата кои постојано пешачат.

Исто така ги спомена и славниот готвач со две Мишелин ѕвезди, романскиот кандидат за Нобелова награда за литература Мирча Катареску, еден кинематограф и режисер на документарни филмови којшто работат за Disney, National Geographic со награди на филмскиот фестивал Sundance и обдусманите на Андора и на Монако.

Но, очигледно беше дека на Васко, од сите туристи најголем впечаток му оставило сомалиското бебенце. Тоа можеше да се види од неговата насмевка на лицето и чувствата кои се рефлектираа на нашата камера.

„Едно деветмесечно  бебенце Махад на родители од Сомалија, доселени таткото во Шведска, мајката во Данска. Едно убаво детуле со две запчинја, со бело кошулче, со пеперутка машничка, којшто ми дозволи да го шетам во раце, насмеано“, се сеќава Васко.

На прашањето  како се справува со рутината дека постојано зборува за едно исто, Васко нагласи дека понекогаш навистина не се поднесува себеси, секој ден како расипана плоча зборува едно исто. Но, кога има можност, кога групата не е преголема си дозволува креативност на поинаков начин да ги искаже нештата.

Меѓу другото Васко го прашавме и за тоа колку се задоволни туристите од гостопримливоста во Скопје.

„Кога зборуваме за Балканскиот полуостров, за Југоисточна Европа би рекол дека земјите што произлегоа од поранешна Југославија главно им го нудат тој впечаток на срдечни и на гостопримливи луѓе. Кај нас ја осеќаат. Понекогаш се прашувам дали навистина сме такви. Ние живееме со тоа мислење за себе дека сме гостопримливи и топли луѓе, но јас многу често тоа го слушам како потврда од луѓето кои што доаѓаат. Можеби ние самите со себе очи ќе си вадиме, ама кога ќе ни дојде гостин знаеме да бидеме услужливи, знаеме де бидеме срдечни“, потенцира туристичкиот водич Васко Марковски.

Во однос на тоа, кои се местата којшто најмногу ги импресионира туристите во Скопје, Васко Марковски потсети дека тоа се модерното Скопје, од десната страна на реката Вардар , но и контрастот на Старата Скопска чаршија како нешто што е одлика на османлиското владеење на градот и на сите други историски слоеви коишто како наследство се конзервирани во Скопската тврдина.                                                                   

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново