Одлуката на Владата да испрати фрегата во поморската операција „Prosperity Guardian“ во Црвеното Море ги става во опасност грчките вооружени сили, смета лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис и коментира дека станува збор за операција што не е во рамки на меѓународна организација во која учествува Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на грчката опозициска партија посочува дека приоритет за армијата треба да биде „одбраната на суверенитетот и суверените права на Грција“, а улогата на земјата во поширокиот регион, „не треба да се фокусира на развојот на нејзиното воено присуство, туку на нејзината дипломатска улога на столб на мир и стабилност“.
Каселакис додава дека постојат сериозни безбедносни предизвици во Црвеното море, но порачува дека меѓународната заедница мора да се фокусира на дипломатски акции за мир, а „Грција и ЕУ можат и треба да играат клучна улога“.
Министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас вчера соопшти дека фрегата на грчката воена морнарица ќе учествува во меѓународната операција „Prosperity Guardian“ во Црвеното море, за заштита на трговските бродови, животите на морнарите и глобалната економија.