Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кинотека ќе го прикаже „Мегалополис“ на Копола, филм од 2024 година и уште многу други врвни наслови во октомври

Македонска кинотека секогаш е актуелна. Одбележува, слави, потсетува навреме за сето она што треба да остане во колективната меморија како достигнување на филмската уметност. Не е важно дали станува збор за филм како целина, за режисер, за сценарист, за артисти, за сниматели односно за секој што учествувал во креирањето на творбата, популарно наречена сликите што се движат. Така ќе биде и овој октомври. Кинотека ќе прикаже филмови со Ален Делон, кој пред извесно време почина, но и на пред 100 години па и повеќе, родените Марчело Мастројани и Кери Грант. Тројцата останаа запаметени не само по артистичкото умеење туку и по својата убавина, харизма како своевидни Аполони. Ќе се одбележат филмските достигнувања на нашата неодамна почината Снежана Стамеска. Ќе биде прикажан ЖЕД (1971), филмското дело на Димитрие Османли, по сценарио на Живко Чинго, во кој една од главните улоги ги имаше токму Снежана односно Снешка како што ја нарекуваа нејзините пријатели и почитувачи. Почитувачите, пак, на легендарниот Кери Грант, кој оваа година би полнел 120 години, ќе можат да го видат филмот ШАРАДА.

Филмот ќе се прикажува на 35мм, и од критиката е опишан како најдобриот филм за Хичкок што Хичкок никогаш не го снимил. ШАРАДА (1963) на американскиот режисер Стенли Донен е прекрасна мистерија која блеска со хумор, неизвесност и стил од последните денови на гламурот на стариот Холивуд. Снимен е на локација во Париз и содржи анимирани наслови од Морис Биндер. Саундтракот на Хенри Манчини ја содржи популарната  песна „Charade“. Со иконите Одри Хепберн и Кери Грант во главните улоги, оваа приказна од Париз е духовита и стилска како и нејзините двајца главни актери.

Париз е незаобиколен кога се спомнува неодамна починатиот филмски убавец Ален Делон. Неговиот контроверзен приватен живот останува во сенката на неговите ролји во филмовите на Висконти, Џосеф Лоузи и многу други режисери, своевидните филмски диригенти. Од неговиот многуброен актерски опус, неколку филмови ќе може да види и публиката во Кинотеката на Македонија.

Поврзан со Париз е и Италијанецот, врвниот глумец и убавец Марчело Мастројани, кој оваа година би наполнил точно еден век. Во филмот што ќе биде проектиран наречен ПОСЕБЕН ДЕН (1977), Мастројани за партнерка ја има светската дива, речиси сега веќе деведесетгодишната Италијанката Софија Лорен, која за филмот ЧОЧАРА (1960) го доби светски престижниот „Оскар“ за најдобра актерка.

Оскаровец е и неодминливиот и почитуван, со италијанско потекло Френсис Форд Копола, секако најпознат по трилогијата КУМ. Но тие филмови ќе изостанат овој пат, а предност ќе добие премиерната проекција на најновото остварување во негова режија и продукција, футуристичкот еп МЕГАЛОПОЛИС, кој на годинашниот филмски фестивал во Кан доби неколкуминутни овации.

Овој месец нема да изостане и циклусот на филмови на една кинематографија која заслужува да биде проследена и респектирана. Овој пат тоа е кинематографијата на Романија. Кино-љубителите ќе можат да проследат неколку филмови кои се во фокусот на интересот на светски реномираните фестивали.

Кинотека во октомври предвидува уште два циклуса. Едниот е низата филмови наречена ЕХО-ФЕСТИВАЛ НА ПЛАНИНСКИ ФИЛМОВИ. Крајот на месец октомври е резервиран за неколку јубилејни проекции и одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелно наследство. По тој повод ќе се потсетиме на наколку домашни докуменарни и долгометражно-играни остварувања кои оваа 2024 година бележат јубилеи од своите премиери.

Пред се, тука е ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кој оваа есен „наполни“ 30 години – токму толку време е поминато откога Манчевски ја подигна раката во вис, во знак на триумф, благодароност и поздрав истовремено, покажувајќи го венецискот „Златен лав“ кој го освои за својот долгометражен игран првенец, за по неколку дена премиерно да биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“. Пред половина век Столе Попов го сними ОГАН (1974), а пред 45 и ДАЕ (1979) кој беше југословенски кандидат за „Оскар“ во категоријата на кратки документарни филмови. Тука ќе се потсетиме и на првенецот на Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ – ПОД ИСТО НЕБО (1964) како и на „комитската“ драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски. Бидејќи сите тие кинематски остварувања се наше аудиовизуелно наследство, наше национално филмско богатство.

Вратите на Кинотека, како и секогаш се отворени, салата ќе биде исполнета, нема тука сомневање, впрочем понудената програма го гарантира токму тоа.

 Целосна ПРОГРАМА

Зачлени се на нашиот е-билтен