Коалицијата на Левица и ВМРО-ДПМНE гласаа против БРТ, сакале трамвај

Советниците на Град Скопје вчера расправаа по точката за склучување договор меѓу Град Скопје, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски за воведување БРТ – брз транспорт во градот, но одлуката не помина, бидејќи за неа не гласаа доволно советници односно имаше 19 гласови „за“’, двајца советници беа против, двајца беа воздржани, а останатите не гласаа.

Голема е веројатноста дека се работи за политичка игра бидејќи на почетокот на месецот градоначалничката Данела Арсовска по две години откако е на власт рече дека го прифаќа проектното решение на претходниот градоначалник Петре Шилегов за автобуско метро или Брз автобуски превоз (БРТ), а сега пак  токму советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советникот од „Зелен хуман град“ Горјан Јовановски не гласаа за негово имплементирање.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата рекоа дека не знаат зошто се продолжува овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“, што покажува дека прифаќањето од страна на Арсовска било само затоа што знаеле дека нејзините поддржувачи во изборот за градоначалник ќе гласаат против.

„Како советници имаме оскудни информации. За да одлучам дали и како ќе гласам барам одговори дали Арсовска репреговарше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?“, ја праша Арсовска советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.

Арсовска не одговори на прашањата на советникот, за проектот образложение даде заменик-градоначалникот Александар Трајковски.

Советникот Амар Мециновиќ од Левица во расправата рече дека БРТ нема да се вклопи во колажот на урбан транспорт, бидејќи не е соодветен и оптимален и нема да го реши загадувањето на воздухот во градот.

– БРТ, сам по себе, е далеку од потребното решение за градот, токму поради краткорочните решенија што ги нуди. Потребна е ревизија на автобуските линии, кои потекнуваат уште од 90-тите години на минатиот век. Затоа, потребно е да се искористи железничката инфраструктура што ја имаме во градот Скопје – смета тој и додаде дека сите главни европски градови, како Берлин или Амстердам, одат на овој алтернативен начин на превоз, а ние имаме таква инфраструктура.

Тој е за воведување трамвајски превоз, бидејќи смета дека на тој начин се решаваат метежот и загаденоста и, како што рече, „илјадници граѓани ќе се превезуваат со зелен транспорт“.

– Сега навистина имаме потреба од тоа. Секаде во Европа се враќа шинскиот превоз и поради тоа, нема да го поддржиме БРТ – дециден беше Мециновиќ.

Гордан Шутаров зборуваше во одбрана на БРТ, образложувајќи дека овој проект е високо оценет од ЕБОР.

– БРТ го нуди брзиот транспорт како алтернатива наспроти застарените автобуски линии. Станува збор за модерен и капитален проект со кој можеме да оставиме печат во работењето на Град Скопје. Со него брзо ќе се стигнува до подалечните дестинации и ќе се овозможи помалку користење на автомобилите. Сега е моментот да покажеме дали ќе продолжиме да го блокираме Скопје или ќе се обидеме да излеземе од партиските матрици и ќе го изгласаме проектот – побара тој.

Градоначалничка Данела Арсовска на 9 ноември преку нејзиниот фејсбук профил најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, затоа што, според нејзината тогашна изјава, тоа било ветување на Петре Шилегов, а тој изгубил на изборите. Во меѓувреме, таа го стопираше тендерот за изградба на проектот.

-Подобрувањето на квалитетот на јавниот превоз не е само дел од транспортната политика, туку и важно прашање од општествен аспект. Анализите покажуваат дека значаен дел од населението не поседува автомобил или возачка дозвола, а алтернативните начини за транспорт не се економични за подолги релации (велосипед или авто-такси превоз). Брзиот автобуски превоз (бас рапид транзит) може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, нудејќи високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност. Со користењето на овој превоз, жителите ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација (работно место, здравствени институции и сл.) навремено и удобно, при што ќе можат точно да го планираат своето време, а воедно и ќе се придонесе за намалување на загадувањето на животната средина – стеше во образложението на Град Скопје.

Преземено од Градска.мк

Треба да знаете
Moже да ве интересира