Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија и со играч помалку славеше против Ерменија за прво место во групата

Фото: Фудбалска федерација на Македонија

Македонија со 2:0 ја совлада Ерменија во второто коло од групната фаза на Лигата на нациите. Македонските репрезентативци целото второ полувреме го играа со играч помалку, откако дефанзивецот Ѓоко Зајков доби црвен картон во судиското продолжение од првото полувреме.

Македонската репрезентација доминираше во текот на првото полувреме, а гостите имаа повеќе прилики на почетокот на второто полувреме, мотивирани од тоа што беа со играч повеќе. Сепак, македонските репрезентативци успеаја да ги искористат своите шанси и со два гола во второто полувреме Македонија ја оствари првата победа во последните осум натпревари.

Резултатот го отвори Енис Барди со одличен погодок од слободен удар во 70. минута, а конечниот резултат од 2:0 го постави новиот играч на шпанска Жирона, Бојан Миовски во 79. минута.

Македонските фудбалери упатија 12 удари кон противничкиот гол, од кои четири беа во рамките на голот. Репрезентативците на Ерменија имаа 13 обиди, од кои седум беа во рамките на голот.

Со оваа победа Македонија избива на првата позиција од Групата 4 од Лига Ц во Лигата на нациите со четири поени. Втора е Ерменија со три, колку што има и Летонија, а на последната позиција се наоѓа репрезентацијата на Фарски Острови.

Следните натпревари се играат на почетокот на октомври. На 10 октомври Македонија ќе гостува на Летонија, а на 14 октомври истата репрезентација ќе дојде во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен