МЕД влегува во европски проект за заштита на кафеавата мечка

Македонското еколошко друштво ќе учествува во нов европски проект за заштита на кафеавата мечка во Динаро-пиндскиот регион, со кој треба да се воспостави поусогласен систем за следење, управување и намалување на конфликтите меѓу луѓето и мечките.

Проектот „LIFE DinPin Bear“ почна во јануари 2026 година и ќе се спроведува во девет земји од регионот: Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Грција. Во него се вклучени 21 партнерска организација, меѓу кои институции, универзитети, истражувачки центри и еколошки организации.

Од Северна Македонија во проектот учествуваат Македонското еколошко друштво и Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот е координиран од германската фондација EuroNatur, а неговата вкупна вредност изнесува околу 9,43 милиони евра, од кои повеќе од 7 милиони евра се обезбедени како придонес од Европската Унија преку програмата LIFE.

Целта е заштитата на кафеавата мечка да не се третира само на национално ниво, туку како регионално прашање, бидејќи популацијата се движи низ повеќе држави и зависи од поврзаноста на живеалиштата. Според податоците во европската проектна база, Динаро-пиндската популација се проценува на околу 4.000 единки, а главната закана е фрагментацијата на живеалиштата, која ги изолира подгрупите и го ограничува генетското поврзување.

Проектните активности треба да опфатат утврдување и намалување на фрагментацијата на живеалиштата, воспоставување стандардизиран мониторинг, собирање генетски примероци, подобрување на плановите за управување и зајакнување на соработката меѓу државите. Посебен дел е насочен кон намалување на конфликтите меѓу луѓето и мечките, како и кон вклучување на локалните заедници, фармерите, ловците и институциите во долгорочни решенија за соживот.

Ова е особено важно за земјите надвор од Европската Унија, каде што, според проектните документи, недостигаат целосно усогласени програми за мониторинг, управување и правна заштита на крупните ѕверови. Во Северна Македонија темата за кафеавата мечка веќе подолго време е присутна и поради штетите врз имотот, но и поради потребата од појасен систем за интервенција, превенција и заштита на видот.

Кафеавата мечка е заштитен вид и има клучна улога во екосистемите, но нејзиното присуство во близина на населени места сè почесто отвора прашања за управување со отпад, заштита на добитокот, безбедност на населението и зачувување на природните коридори. Новиот проект треба да понуди поусогласен регионален модел, во кој заштитата на видот и безбедноста на локалното население ќе се третираат како дел од истата политика.

Проектот ќе трае до 30 јуни 2031 година. Очекуваните резултати вклучуваат заеднички насоки за управување со популацијата, подобра прекугранична соработка, обуки за локалните заедници, намалување на незаконското убивање и подобрување на условите за долгорочна заштита на кафеавата мечка во целиот Динаро-пиндски регион.

Зачлени се на нашиот е-билтен