Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на 15 октомври, Тирана го отвора првиот кластер

Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија, со што се овозможува одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во вторник (15 октомври) во Луксембург, соопшти унгарското претседателство со Европската Унија.  

– Албанија ќе биде првата меѓу земјите кандидати за членство што ќе ги отвори пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување, што ќе биде клучен момент за оваа земја од Западниот Балкан, се наведува во соопштението. 

Првиот сет на поглавја, Кластерот „Основни вредности“, ги опфаќа фундаменталните реформи, што ќе го трасираат патот за почеток на преговори по другите кластери.  

– Напредокот по овие реформи ќе го одреди и целокупното темпо на преговорите, потенцира унгарското претседателство. 

Во соопштението се додава и дека во пресрет на одлуката на Корепер, вчера во Будимпешта се одржала средба на премиерите на Унгарија и Албанија, Виктор Орбан и Еди Рама, на која тие разговарале за пристапните преговори и се согласиле да продолжат со зајакнување на билатералната соработка. 

Корепер минатиот месец реши Албанија да почне преговори за членство со ЕУ по кластери, со што практично земјата е одвоена на својот европски пат од Северна Македонија. Досега двете држави се движеа заедно во пакет кон полноправно членство во Унијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен