Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не секогаш е потребно да се коментира опозицијата, но сепак упати критики кон СДСМ, оценувајќи дека нивните пораки не носат ништо ново и ги нарече „фолклор“.
Иако најпрво порача дека не секогаш е потребно да се коментираат ставовите на опозицијата, премиерот Христијан Мицкоски подоцна сепак се впушти во критика на СДСМ, оценувајќи дека од нивните пораки не произлегува ништо ново, освен, како што рече, „фолклор“ на кој јавноста е навикната.
На новинарско прашање поврзано со барањата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и евроинтегративните процеси, кои претходно беа изнесени од лидерот на СДСМ Венко Филипче на партиски конгрес, Мицкоски изјави дека не гледа суштински промени во ставовите на опозицијата.
„Мислам дека не секогаш треба да даваме коментар на тоа што го кажува СДСМ. Еве јас можам да кажам дека од оној фолклор на кој сме навикнати да го слушаме, не видовме ништо поразлично“, изјави премиерот.
Тој додаде и дека, според негово мислење, СДСМ претставува „меко ткиво во македонскиот национален идентитет“, како и дека жали што, како што рече, од некогашна државотворна партија се претвориле во структура која се води од лични интереси.
Мицкоски истакна и дека понекогаш, како што рече, не е потребно да се коментира секоја изјава на опозицијата.
Премиерот изјавата ја даде за медиуми за време на работна посета на компанијата „Макпрогрес“ во Виница.
