Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Министерката Димитриеска-Кочоска контра Мицкоски и Николоски: Не е можна пренамена на парите од пругата кон Бугарија

Невозможна мисија е пренамената на средствата одобени за пругата кон Бугарија за реконструкција на пругата кон Гевгелија. Тоа вчера го објасни евроамбасадорот Дејвид Гир, а денеска на брифинг со новинарите го потврди и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Наместо пренамена, можно е да се побара друг кредит, вели таа. Од ЕБОР и од ЕиБ за пругата кон Бугарија се одобрени вкупно 350 милиони евра како кредит и тие пари не може да се пренаменат, децидна е Димитриеска – Кочоска. Дополнително, има уште 150 милиони евра во вид на грантови, кои исто така, се за оваа намена.

Деновиве во повеќе наврати премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски изјавија дека ќе побараат пренамена на средствата наменети за пругата кон Бугарија и дека ќе разговараат со кредиторите и со финансиерите, при што ќе побараат парите да се пренасочат за реконструкција на пругата од Коридорот 10 односно Север – Југ.

„Ги слушам изјавите, но не е баш така. Еве, замислете дека сте земале наменски кредит од банка. Вие за друго не може да го користите. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем“, посочи на брифинг со новинарите министерката за финансии, која е добро запозната со банкарските процедури имајќи во предвид дека работела и во банка.

Практично, ваквиот став на министерката за финансии се надоврзува на изјавата на евроамбасадорот Гир, кој во интервју за „Слободен печат“ рече дека не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10.

„Нашиот (европскиот) систем не функционира така. Дискутиравме со министерот за транспорт, со премиерот и со други и мислам дека во наредните недели, месеци, ќе најдеме заеднички јазик за најдобриот начин како да се продолжи. Значи, не може едноставно да се пренаменат парите од нешто за кое е веќе постигнат некаков напредок на нешто што сѐ уште се развива“.

Сепак, Димитриеска Кочоска смета дека пругата кон Бугарија, која е дел од паневропскиот коридор 8 и која треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, економски е неисплатлив проект и дека може дополнително да ја втурне земјата во проблеми.

Со оглед на тоа дека за пругата кон Бугарија веќе се одобрени заеми од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка, се поставува прашањето дали евентуланиот прекин може да доведе до плаќање пенали. Дотолку повеќе што и од Министерството посочуваат дека од 2017 година до сега, биле платени 27 милиони евра провизии за одобрени, а неискористени кредити од наши институции.

Според претставници на Министерството за финансии, во случајов нема таква опасност бидејќи, како што посочија на брифингот, добрата вест е дека овој кредит не е ефектуиран, па нема трошоци и затоа нема да плаќаме пари за неповлечени средства.

Инаку, Димитриеска-Кочоска веќе остварила средба со претставници на ЕИБ каде што аргументирала зошто не треба да се гради пругата кон Бугарија.

„Хипотетички ќе ја направиме пругата. Тоа е траса што води од Драч до Бургас. Што ќе ни донесе таа, каква додадена вредност? Што ќе ни донесе економски? Од ЕиБ велат ‘знаете, има НАТО аспект’. Супер. Јас отворено ги прашав дали НАТО И ЕУ ќе нè сакаат ако банкротираме?“, вели министерката додавајќи дека има проблеми со пругата кон Солун која е многу поважна за македонската економија и за компаниите.

Најново