На граничниот премин Табановце е спречен обид за нелегален пренос на 500.000 евра во готовина, скриени во специјално конструиран бункер во минибус. Случајот го соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, кој го оцени како најголема заплена на девизи во историјата на македонската царина.
Парите биле спакувани во 14 проѕирни ќеси и сокриени во преправен дел од возилото. Минибусот бил сопственост на туристичка агенција од Албанија и во него се превезувале седум патници. Возилото било запрено на влез во Македонија, при акција на Одделението за оперативни работи на Царинската управа.
Според информациите од Царината, мобилниот тим забележал преправки на возилото, по што било вклучено царинско куче кое укажало на сомнеж за криумчарење. Сомнежите потоа биле потврдени и со скенирање од Службата за мобилни скенери, по што инспекторите го отстраниле профилот во кој биле пронајдени парите.
Девизите и возилото се трајно одземени. Осомничениот, албански државјанин со иницијали Џ. Г., кој управувал со минибусот, е гонет за случајот, а од Основниот суд во Куманово веќе била изречена судска пресуда.
Запленетите пари, согласно постапката, биле предадени во Агенцијата за управување со одземен имот, а потоа депонирани во Народната банка. Царинските службеници кои учествувале во акцијата ќе добијат награда од по 10.000 денари.
