Над 367 тони небезбедна храна запрени пред да стигнат до граѓаните

Агенцијата за храна и ветеринарство во 2024 и 2025 година спречила повеќе од 367 тони небезбедна храна да завршат на македонскиот пазар, соопшти директорот на АХВ, Оливер Миланов, на настанот по повод 15 години од постоењето на институцијата и Светскиот ден на безбедноста на храната.

Според Миланов, во изминатите две години биле интензивирани инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. На пазарот не биле пуштени повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло.

Од граничните премини како небезбедни биле вратени 16 пратки со храна од животинско потекло, а три пратки биле нештетно уништени. Дополнително, бил забранет увоз на девет пратки храна од неживотинско потекло, а уништени биле и 90 тони увезена храна што не ги исполнувала безбедносните стандарди.

АХВ минатата година спровела повеќе од 47.200 инспекциски надзори, при што за утврдените прекршоци биле изречени 6.770 инспекциски мерки. Контролите, според институцијата, се спроведуваат низ целиот синџир на храна – од примарно производство и преработка, до дистрибуција и продажба.

Миланов нагласи дека безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Освен контролата на здравствената исправност, АХВ најавува засилен фокус и на спречување измами со храна, погрешно означување, лажно претставување на потеклото и составот на производите, како и други практики што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда.

Најчитано