Најважната порака од Конгресот на СДСМ не е упатена до членството, туку до гласачите

СДСМ

Триесет и вториот Конгрес на СДСМ, одржан под мотото „Твоја држава – твоја шанса“, претставува повеќе од редовен партиски собир. Всушност, тој така беше и најавен и реализиран.

Во политички контекст во кој партијата, освен што влезе во процес на закрепнување по изборните порази и да ја врати довербата кај гласачите, конгресот беше платформа за идеолошко редефинирање, кадровска консолидација и јасно позиционирање против актуелната власт.

Се разбира, објективно гледано, СДСМ веќе покажува знаци на сериозна политичка консолидација вложува максимално многу обединување на проевропскиот и лево-центристички блок.

Од перспектива на власта, најнепријатна не е критиката сама по себе – опозицијата секогаш критикува – туку сигналите дека СДСМ се се стабилизира организациски и ја изострува идеолошката слика. Во политиката, слабата и поделена опозиција е далеку помал проблем од опозиција што почнува да се консолидира околу јасна агенда и препознатливо лидерство.

Позиционирање како главен носител на европската агенда

Оттаму, во центарот на настанот беше настапот на претседателот на партијата, Венко Филипче, кој испрати порака дека СДСМ повторно ќе се наметне како главен носител на проевропската и социјалдемократската агенда во државата. Неговите критики кон Владата беа насочени кон застојот на евроинтеграциите, економските предизвици и, според него, ерозијата на институциите и демократијата.

Филипче порача дека СДСМ треба да врши „силен, континуиран и одговорен притисок“ врз власта, барајќи јасен план за европските интеграции, економски развој и институционални реформи.

Она што го прави овој конгрес значаен за самата партија е обидот за враќање кон нејзините традиционални идеолошки позиции. Новата програмска рамка нагласува социјална правда, фер оданочување, повисоки плати, силни институции и европска перспектива, со потраки за повторно мобилизирање на левиот и центристичкиот електорат кој во изминатите години беше разочаран или демотивиран.

„Овој конгрес е доказ дека сме цврсти, обединети и подготвени да ги носиме одлуките што ќе ја обликуваат нашата иднина. Целта не е само усвојување на нова идеолошка платформа, туку потврда дека СДСМ цврсто стои зад суштината на социјалдемократијата – правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла“, рече Филипче во своето обраќање на конгресот.

Партиската димензија на конгресот

Конгресот има и важна внатрепартиска димензија. По локалните избори во 2025 година и јавните несогласувања меѓу сегашното раководство и дел од поранешните функционери, СДСМ се соочуваше со сериозни предизвици околу сопственото единство. Оттука, пораките за мобилизација, дисциплина и надминување на поделбите не се случајни. Филипче испрати сигнал дека партијата нема намера да толерира внатрешни фракции и дека претстои период на консолидирање околу новото раководство.

„Денес сме собрани не само за да изгласаме документ. Туку да одлучиме дали СДСМ ќе стане тоа што отсекогаш требало да биде: совест на државата, глас на трудот, заштита на понижениот човек и политичка храброст во моменти кога таа е најпотребна“, рече Филипче.

Во говорот, тој го нарече конгресот „прв конгрес на новата одговорност“, нагласувајќи дека партијата треба да ја погледне сопствената историја без фалби, да ги признае грешките и да ја обнови довербата без „лажна патетика“.

„Има моменти во историјата на една партија кога не се менува само програмата, туку се преиспитува основата. А ние денес сме должни токму тоа да го направиме: да ја погледнеме сопствената историја без фалбаџиство, да ги признаеме грешките без страв и да ја обновиме вербата без лажна патетика“, порача Филипче.

Суштината на слоганот „Твоја држава – твоја шанса“

Најважната порака од Конгресот на СДСМ е во суштина во слоганот „Твоја држава – твоја шанса“ зашто таа не е упатена само до членството, туку до сите гласачи. Значењето на овој конгрес не завршува со судбината на една политичка партија. За Северна Македонија, прашањето за состојбата на СДСМ е тесно поврзано со квалитетот на демократскиот систем. Земјата во изминатите две децении практично функционираше врз основа на политичка рамнотежа меѓу две големи партии, при што секое сериозно слабеење на едната страна создава ризик од нарушување на демократската конкуренција и го отвора патот за инсталирање на власт со автократски тенденции.

Во таа смисла, 32. Конгрес може да се толкува како обид СДСМ да покаже дека останува релевантен политички фактор способен да понуди алтернатива на власта. Сега партијата треба да ја претвори новата програмска платформа во конкретни политики и да ја врати довербата кај граѓаните, тогаш конгресот може да се покаже како почеток на нејзиното политичко закрепнување.

Затоа најважната порака од конгресот не е само дека СДСМ усвои нова идеолошка платформа, туку дека партијата се обидува да одговори на клучното прашање што стои пред македонската опозиција: како повторно да стане убедлива алтернатива за управување со државата. Од одговорот на тоа прашање во голема мера ќе зависи и динамиката на политичкиот живот во Северна Македонија во наредните години.

Најчитано