Народни пари за владин маркетинг: 292 илјади евра за 840 проекти

кризна

Генералниот секретаријат планира набавка од околу 292 илјади евра за снимање, фотографирање и промоција на проекти финансирани од државата. Според објавените информации, во следните 18 месеци избраната фирма треба да изработува видеа, фотографии, текстови, графики и план за објавување на владините проекти, а целата услуга ќе се плаќа од јавни средства.

Тендерот предвидува видео содржини за 840 проекти. За секој од нив треба да има снимки од најмалку две фази на реализација, а за најмалку половина од проектите се бара и снимање со дрон. Видеата треба да содржат монтажа, графички елементи, титлови и нарација на македонски и албански јазик.

Пакетот не завршува со видеата. Во набавката се бараат најмалку 4.200 фотографии, односно најмалку пет фотографии за секој проект. Избраната фирма треба да подготвува и текстови, наслови, кратки информации, дизајн на носечки фотографии и стратегија за објавување преку социјални мрежи, веб-страници, телевизии и печатени медиуми.

Условите за учество повторно се поставени за фирма со сериозен капацитет. Понудувачот треба во последните три години да има приход од најмалку околу 292 илјади евра, а се бараат и најмалку пет договори со ист или сличен предмет на набавка. Од нив, најмалку еден договор треба да биде вреден најмалку околу 243 илјади евра.

Се бара и широка продукциска екипа. Фирмата треба да располага со најмалку еден режисер, три монтажери, три сниматели, три фотографи, три графички дизајнери, три проект менаџери и три копирајтери. Ваквите услови ја отвораат дилемата колку компании реално можат да конкурираат на ваква набавка и дали конкуренцијата ќе биде широка или ограничена на поголеми комуникациски агенции.

Слична набавка имало и минатата година, кога договорот го добила фирмата „Фрајдеј комуникации“, во вредност од 380 илјади евра. И тогаш се барале претходни договори со ист или сличен предмет, како и тим составен од режисер, монтажери, сниматели, фотографи, графички дизајнери, проект менаџери и копирајтери.

Посебно внимание привлекува моделот на избор. Според тендерската документација, цената носи 40 бодови, а квалитетот 60 бодови. Тоа значи дека најниската понуда нема сама да го одлучи победникот, туку значаен дел од одлуката ќе зависи од оценката на креативното и комуникациското решение.

Прашањето што останува отворено е каде завршува јавната информација, а каде почнува политичката промоција. Владата има обврска да информира за проекти финансирани од буџетот, но кога за таа комуникација се планираат стотици илјади евра, јавноста има право да знае дали парите се трошат за транспарентност или за градење политички имиџ.

Најчитано