Телата на Нирмал Пурџа, еден од најпознатите светски алпинисти, и уште тројца планинари кои загинаа во лавина на Брод Пик во Пакистан, се спуштени од планината до базниот камп. Акцијата за извлекување била отежната поради високата надморска височина, непристапниот терен и тешките временски услови.
Трагедијата се случи на 30 јули, кога лавина ја погодила експедицијата составена од десет алпинисти кои се обидувале да го искачат Брод Пик, еден од највисоките врвови во светот со височина од повеќе од 8.000 метри.
Во првата фаза од потрагата биле пронајдени четири тела, меѓу кои и телото на Пурџа, додека потрагата по останатите исчезнати членови на експедицијата продолжува. Во групата имало алпинисти од Непал, САД, Пакистан, Оман и Кина.
Нирмал Пурџа, познат и како Нимс, беше еден од најуспешните современи алпинисти. Во 2019 година влезе во историјата откако ги искачи сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри за нешто повеќе од шест месеци.
Пред да се посвети на алпинизмот, Пурџа служел во британската армија, како припадник на елитни единици, а неговиот животен пат беше прикажан и во документарниот филм „14 Peaks: Nothing Is Impossible“ на Нетфликс.
Несреќата на Брод Пик предизвика голема жалост во планинарската заедница, бидејќи меѓу загинатите беа искусни алпинисти кои учествувале во бројни меѓународни експедиции.
