Објавен е конкурсот за државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за остварувања во областа на публицистиката и новинарството

Министерството за култура, како надлежно за организирање на постапката и за доделување на државните награди, го објави конкурсот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ со која се оддава признание за остварувања во областа на публицистиката и новинарството.

Државната награда им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани.

Државната награда, под условите определени во Конкурсов, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ.

На секој член на наградената група творци или екипа му се доделува диплома и  еднаков дел од паричниот износ.

На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ изнесува пет (5) просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година.

Државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ се доделува, по правило, секоја година.

Во една година може да се доделат најмногу две (2) награди.

Иницијатива за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци и докази, точна адреса на живеење (улица, број, место, град, држава), податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци за кои се смета дека ќе придонесат во оценувањето.

Подносителот на иницијативата мора да ги наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон.

Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават  најмалку во еден  (1)  примерок.

Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е:

Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ , ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје, Република Северна Македонија.

Конкурсот трае од  8 до 22 ноември 2023 година.

Иницијативите и прилозите (книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием, како и некомплетните иницијативи, нема да бидат разгледани од страна на Одборот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира