Редовната исплата на пензиите не е доведена во прашање, уверува директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, по сериозните забелешки во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Од ПИОМ велат дека финансиската стабилност на Фондот, исплатата на пензиите и здравствените права на пензионерите остануваат гарантирани од институцијата и Владата.
Ревизорите претходно утврдија дека пензискиот систем не може самостојно да ги покрива сите обврски и дека останува зависен од трансфери од државниот буџет.
Во 2024 година приходите од пензиски придонеси изнесувале 71,4 милијарди денари, додека расходите за пензии достигнале 90,2 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот биле префрлени 42,5 милијарди денари.
Мемов нагласува дека ревизијата се однесува на 2024 година, кога актуелното раководство го презело ПИОМ дури во последниот квартал. Според него, значителен дел од констатираните слабости биле наследени и се повторувале во повеќе претходни извештаи.
Тој тврди дека недостатоците во јавните набавки веќе биле отстранети, а биле воведени и дополнителни механизми за контрола.
Во однос на зголемените обврски кон Фондот за здравствено осигурување и кон пензиските друштва од вториот столб, ПИОМ објаснува дека тие се последица и на растот на пензиите.
Од Фондот посочуваат дека пензиите за околу 347.000 корисници биле зголемени за вкупно околу 7.000 денари месечно, поради што се зголемиле и обврските што се пресметуваат како процент од исплатените пензии.
Ревизијата, сепак, предупреди и на влошување на односот меѓу осигурениците и пензионерите. На крајот од 2024 година на еден пензионер доаѓале 1,63 осигуреници, што создава дополнителен притисок врз долгорочната одржливост на системот.
ПИОМ соопшти дека ги прифаќа препораките на ревизорите и дека веќе работи на нивно спроведување.
Од институцијата уверуваат дека пензионерите ќе продолжат редовно да ги добиваат пензиите и непречено да ги користат здравствените услуги.
