„Пластичен оркестар“ на ООУ „Живко Брајковски“ ја доби престижната Награда за интеркултурни достигнувања на австриското МНР

Проектот „Пластичен оркестар“ – Движење за ослободување на училиштата од пластика  (SPEM: School Plastic free Movement) на невладиното здружение „Пријатели на образованието“ и ООУ “Живко Брајковски” од скопската општина Бутел ја доби престижната Награда за интеркултурни достигнувања (The Intercultural Achievement Award – IAA), што ја доделува Министерството за надворешни работи на Австрија.

„Пластичен оркестар“, проект во кој учениците од училиштето со помош на нивните наставници креираа музички инструменти и создаваа музика со користење на пластика за еднократна употреба, беше избран како победник во категоријата „одржливост“.

Доделувањето на наградата се одржа на 10 октомври 2023 во Виена, а наградата ја примија претставничките на „Пријатели на образованието“ и ООУ “Живко Брајковски”, наставничките м-р Елена Апостолоска и м-р Хава Сарачини.

Наградата за интеркултурни достигнувања (The Intercultural Achievement Award (IAA) годинава се додели по јубилеен десетти пат. Ова престижно признание го доделува работната група „Дијалог на културите“ во рамки на австриското Министерство за надворешни работи, а независното жири ги избира победниците од повеќе од 350 пријавени проекти од целиот свет. Ова е првпат проект од нашата земја да се закити со ова значајно признание.

Наградата се доделува на иновативни проекти од невладиниот сектор кои успешно ја поддржуваат и промовираат интеркултурната комуникација и соработка во различни области.  Се доделуваат награди во седум категории: одржливост, неодамнешни настани, иновации, технологија, медиуми, како и специјални награди за интеграција и најдобар австриски проект.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира