Почнува невреме, пороен дожд и грмежи во западните делови, нестабилната облачност се движи кон југоисток

Нестабилна воздушна маса попладнево зафати делови од западна Македонија, носејќи пороен дожд и грмежи во планинските региони околу Кичево и Македонски Брод.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилност има во планинските предели во западниот дел од земјата, а радарската слика која е од европскиот сателит, покажува развој на облачност северозападно од Македонски Брод.

„Според радарската слика нестабилност имаме во планинските региони во западните делови. Северозападно од Македонски Брод има развој на нестабилна облачност со правец на движење северозапад-југоисток од која има пороен дожд“, информираат од УХМР.

Нестабилно време е регистрирано и во Кичевско, каде што има појава на пороен дожд и грмежи источно од Кичево.

Правецот на движење на облачноста, според радарските податоци, е од северозапад кон југоисток. Тоа значи дека во следните часови нестабилноста може да се поместува кон други делови од западниот и централниот дел на земјата, зависно од развојот на облачните системи.

УХМР претходно најави дека денеска времето ќе биде сончево и топло, но во попладневните часови на повеќе места ќе има услови за нестабилна облачност, пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а локално не се исклучува и појава на град.

Граѓаните кои се движат низ планинските предели, патните правци во западна Македонија и подрачјата каде што има развој на облачност треба да бидат внимателни, особено поради можноста од краткотрајни, но интензивни врнежи, намалена видливост и појава на електрични празнења.

Најчитано