Како и што најави, крајнодесничарската бугарска партија Преродба на Костадин Костадинов, денеска во Националното собрание на Бугарија достави предлог-декларација во врска со, како што се наведува, провокативните изјави од страна на македонските владејачки политички фактори и систематското уништување на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Во нацрт-документот, чија содржина ја пренесуваат бугарските медиуми, меѓу другото, се повикуваат Европската Унија и Европската комисија да ги осудат, како што се наведува, навредливите квалификации на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со кои Бугарите ги нарекува „недостојни“, „мизерни“ и „нецивилизирани“, а бугарските политичари „маргиналци“ и „корумпирани“.
„Се нагласува и дека и покрај прифатениот т.н. француски предлог, ‘постои опасност преговарачкиот процес за проширување на ЕУ повторно да биде во застој поради едностраното неисполнување на обврските и роковите од страна на РСМ’. Се инсистира на прецизно разгледување на сите аспекти околу можното одвојување на Албанија од С Македонија во преговарачкиот процес за членство во ЕУ што очигледно ќе придонесе за побрза интеграција на Албанија, а на С Македонија истовремено би ѝ овозможило да избегне ескалација на политичката тензија поради потребата да се израмни со брзината на Албанија“, се додава во текстот на документот.
Предлог-декларацијата се однесува и на последните изјави на вицепремиерот и министер Николоски кои се однесуваат на проектот за изградба на пругата кон Бугарија, за кој тој оцени дека е неизводлив.
Во предлог-декларацијата во оваа смисла се наведува дека Националното собрание декларира политичка намера и аспирација за завршување на изградбата на Паневропскиот Коридор 8 на бугарска страна. Дополнително, ја повикува владата на Северна Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори направени со цел навремена изградба на делниците од трасата на нејзина територија.
„Проектот инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од Република Северна Македонија и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија во РСМ“, се додава во предлог-декларацијата чија содржина ја пренесуваат бугарските медиуми.
Дополнително, како навреда се изразува, како што вели, негирањето на заедничката историја на Северна Македонија и Бугарија од страна на членовите на македонската влада, што е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Се наведува и дека е потврдена волјата на бугарската држава и институции во однос на организирањето на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, „имајќи ја предвид богатата заедничка историја на двете земји“.